Напролет пристигнуваат пингвини и слонови во скопската ЗОО

Во скопската зоолошка градина во моментов се гради ново живеалиште за слон, пингвини и шимпанза.

Новото живеалиште за слон се гради на парцела со површина од 3.200 метри квадратни, а во него ќе се изгради и објект со површина од 400 метри квадратни. За изградбата на новото живеалиште, Град Скопје издвои 26 милиони денари. Проектираното живеалиште за слонот се состои од внатрешен и од надворешен дел, кои се поделени на два дела за два слона. Надворешното живеалиште, коешто се планира да биде примарно место за нивен престој бидејќи климатските услови му одговараат, ќе ја пресликува природната околина во којашто живеат слоновите, и ќе се посвети особено внимание на подлогата, деловите исполнети со вода и декорацијата и хортикултурното уредување на целото живеалиште.

Внатрешното живеалиште е составено од повеќе делови, има дел за хранење и спиење, дел за набљудување, дел за посетители и дел за негуватели на слонови. Поради начинот на кој се негува слонот, планирани се специјални прегради меѓу делот за негуватели и делот за разубавување на животните, односно делот каде што ќе му се чистат ушите на слонот и ќе му се одржуваат ноктите.
За надворешната обработка се користени природни нетоксични материјали, дрва и тули. Секундарната ограда е електрична, со низок напон.

Првата информација беше дека двата слона ќе бидат донесени од Леванте, Шпанија, но последната е дека најверојатно едниот ќе пристигне од Франција.Зоолошката градина во Скопје имала слон во збирката животни, и тоа индиска слоница по име Анка, која живеела од 1964 до 1992 година.

Покрај слоновите Зоолошката градина во Скопје ќе добие и пингвини.Од идејното решение за нивното живеалиште ќе зависи колку пингвини ќе бидат донесени од Виена. Пингвини ќе бидат прилагодени на европските услови на живот. Ќе живеат во мали пештери, а преку ден ќе бидат надвор.

Исто така, во зоолошката градина при крај е и изградбата на мајмунарницата. Коко ќе се врати во Скопје заедно со неколку шимпанза.

Откако почина мајката на Коко тој падна во депресија почна да си ги кубе влакната и да се удира на металните прачки од кафезот. Поради тоа, во април 2009 година, кога имаше 13 години, беше транспортиран во институтот за ресоцијализација на шимпанза „Алмере“ во Амстердам, Холандија.