Намалена бројката на нови станови, ќе има ли зголемување на нивната цена?

По неколкугодишниот скок на бројката на предвидени станови за градење, македонскиот пазар на недвижности лани за првпат се соочил со спротивни резултати.

Годишните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека македонските општини во 2018 година издале одобренија за градење на вкупно 7.248 станови со вкупна површина од 564.995 метри квадратни. Во споредба со 2017 година, бројката на предвидени станови за градење е намалена за 8,7%, односно преклани биле регистрирани вкупно 7.939 живеалишта за кои се издадени градежни дозволи.

Статистичките податоци за намалување на инвестициите во овој вид недвижности во Македонија се однесува и за индивидуалните куќи и за становите во колективните згради. Идентично како и претходните години, интересот за вложување во нови станбени единици е насочен првенствено во скопскиот регион. Општините Аеродром, Карпош, Кисела Вода и Центар остануваат да бидат со најголем број на издадени одобренија за изградба на нови живеалишта.

Бројките покажуваат дека најатрактивни за купувачите се двособните и трисобните станови, за чија изградба и во 2018 година се одобриле најмногу градежни дозволи. Во оваа бројка влегуваат новите станбени единици во кои инвестираат физички лица, но и деловните субјекти од градежниот сектор. Намалувањето на градежната активност во делот на идните домови се должи првенствено на мораториумот на градење во општина Центар, но и на поништените или оспорени детални урбанистички планови во останатите две локални самоуправи каде што најмногу се гради – Карпош и Аеродром.

Македонските градежни компании, но и агентите за недвижности, веќе предупредија дека намалената активност за изведба на нови станбени единици може да доведе до зголемување на цената на живеалиштата, особено во главниот град. Вториот индикатор што може да донесе позначителен раст кај цената на становите во 2019 година е пристапувањето на Македонија во НАТО, која што во случаите на нашите соседни земји придонесе за зголемување на вредноста на недвижностите на тамошните пазари.