На породилно отсуство 12 наместо 9 месеци?!

Дали породилното отсуство да биде 12 месеци, а не 9, е прашање за кое треба да се одлучи денеска.

Членовите на  собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците се согласни Собранието да расправа за промена на Законот за работни односи во делот кој го уредува времетраењето на породилното отсуство, поднесена од група граѓани. Граѓанската иницијатива бара продолжување на породилното отсуство од 9 на 12 месеци. Расправата ќе се одржи денеска. 

Претседателот на Комисијата Александар Кирацовски рече дека има пропуст во иницијативата во која наместо да се бара промена на член се бара промена на закон за породилно отсуство, каков што нема во земјава.

- Проблемот не е во содржината на иницијативата, јасно ни е за што станува збор и даваме целосна поддршка да се отвори расправа. Единствен пропуст е што ние не менуваме закон за породилно отсуство затоа што таков закон не постои, рече Кирацовски.

Во името на 270 граѓани кои се потпишале за доставување на овој предлог зборуваше овластениот предлагач Снежана Кузмановска, која рече дека дека овој пропуст е ненамерна грешка.

Поддршка за иницијативата даде и пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

- За нас иницијативата е уредна и ние ќе ја прифатиме. Јасно е дека се работи за член од закон, што потоа може со амандман додавка да биде посеопфатен, рече Милошоски.