На Меѓународниот филмски фестивал во Франција два македонски филма ќе се натпреваруват за награда

Филмовите „Крајот на времето" на Милчо Манчевски и „Еклер" на Марко Ѓоковиќ се селектирани во официјалната натпреварувачка програма на 23. Меѓународен филмски фестивал во Нанси, Франција кој се одржува од 25 август до 4 септември.

Филмското остварување "Посоки", пак, копродукција меѓу Бугарија, Германија и Македонија во режија на Стефан Командарев ќе биде прикажан во ревијалниот дел на фестивалот. До организаторите на фестивалот од Нанси, годинава беа испратени вкупно 2.352 краткометражни филмови од целиот свет, од кои само седумдесетина се наоѓаат на фестивалската програма.

Филмот на Манчевски, кубанско-американска копродукција е опишан како експериментален и зборува за "оној хипнотизирачки миг во еден обичен, скромен вторник кога човек сфаќа дека времето запрело и светот е вшмукан во една единствена насмевка".

-"Крајот на времето" е филм кој може комотно да се претстави во музеј или галерија наместо во кино-сала. Во него продолжувам да ја истражувам крстосницата каде што вистината и прикаската се вкрстуваат, преклопуваат и сукобуваат; овој пат на минималистички начин", кажа за својот филм македонскиот режисер Манчевски.

Филмот е снимен во Сан Антонио де лос бањос на Куба, а постпродукцијата во Њујорк и Македонија. Ова е една од првите американско-кубански копродукции, која почна пред неодамнешното затоплување на односите меѓу двете земји.

Вториот краткометражен филм е „Еклер", во режија на Марко Ѓоковиќ. Филмот ја третира приказната за синот на готвачката од Маршаловата вила, кој по десет години добива шанса да ја вкуси храната што цел живот гледа како се готви, а не смее да ја допре. Во главните улоги настапуваат Давид Тодосевски, Дина Јовевска, Звезда Ангеловска, Игор Ангелов, Борис Дамовски, Горан Трифуновски, Емил Костовски и Сара Климоска.

Претседател и главен уметнички директор на овој филмски фестивал во Франција веќе пет години е Македонецот Тони Гламчевски, новинар.

На фестивалот, ќе бидат прикажани околу 150 филмови од над 60 земји. Половина се краткометражни во различни натпреварувачки категории. Има посебна селекција за млада публика, натпреварувачка европска селекција на документарни долгометражни филмови, престижната селекција „Под ѕвездите" - за која се дава наградата на публиката. Минатата година наградата ја доби „Џипси Меџик" на Столе Попов.

Фестивалот годинава се фокусира на Јужна Америка и околу темата за популизмот, германскиот и германофонскиот филм, документарци во официјална натпреварувачка слекција за европскиот документарен филм, а има и богата избор на филмови за младите од три до 15 години. Тука е и селекцијата на Големиот регион, односно источниот дел на Франција, Луксембург, Белгија и пограничните делови на Германија.

Специјален гостин на фестивалот е 89-годишниот познат режисер Марсел Офулс, чиј татко е Макс Офулс, во чија чест ќе биде прикажан документарниот филм „Сеќавањето на правдата" за судењето во Ниренберг. Целта на фестивалот од Нанси е надминување на границите и предрасудите.