На Клиниката за урологија почнаа операциите со кои се врши трансплантација на бубрези

По застој од повеќе од една година на Клиниката за урологија почнаа операциите со кои се врши трансплантација на бубрези.

Минатата година за неполни пет месеци направиле седум трансплантации, а годинава бројката е поголема и досега се направени 12 трансплантации. Ова го посочи директорот на Клиниката за урологија, Сашо Дохчев на Европскиот ден на органодарителство.

-Пациентите се подготвуваат од Клиниката за нефрологија и колегите од анестезија и кога ќе дојдат подготвени за операција ние ги оперираме. Значи не создадовме никаква листа на чекање. Веќе имаме подготвени седум-осум двојки пациенти кои во овие неколку месеци ќе ги трансплантираме. Пациентите не чекаат за транплантација. Кога ќе се подготват од еден месец повеќе не се чека за операција. Кадаверичната трансплантација замре, кај пациентите падна ентузијазмот. Кадаверична трансплантација е организација на државата, ние сме крајните извршители – објасни Дохчев и изрази надеж дека ќе биде возобновена програмата за кадаверична трансплантација, во изјава за Вечер.

Здружението на бубрежно болни граѓани “Нефрон” истовремено бара почнување национална кампања за органодарителство, реактивирање на кадаверичната трансплантација, воведување вкрстена трансплантација или размена на органи.

Тие се и за воведување нови лекови за трансплантираните пациенти, намалување на нивната цена или да бидат бесплатни, бидејќи, како што наведуваат, со трансплантација ќе се ослободат големи средства кои одат за дијализата.

Пред две години беа реализирани над 100 транспатации, од кои 12 биле од починат донатор.
Според статистиките околу 1.500 пациенти се на дијализа и чекаат пресадување на нов орган. Лекарите предупредуваат дека на бубрежните заболувања влијае и прекумерната тежина која исто така негативно влијае на бубрежните заболувања.