На 50 дена пред локалните избори: Кои се главните адути за Скопје?

Политичките партии на големо се подготвуваат за почеток на кампањата за локалните избори кои следуваат.  Според анкетите направени во изминатите месеци се чини дека ова ќе бидат најнеизвесните локални избори во Скопје.  Близината на рејтинзите на најголемите политички партии според многумина е главниот виновникот што во овој момент сеуште не се знаат фаворитите и главната причина поради која партиите тактизираат и не ги објавуваат своите кандидати.

Во меѓувреме политичката сцена ја разбрануваат неколку актуелни теми кои со сигурност ќе бидат актуелни и во предизборниот период. Помеѓу нив како најинтересни за електоратот се: покачувањето на пензиите, најавата за изградба на бегалски кампови, безбедносните теми и сл.

На нешто повеќе од 50 дена пред одржување на локалните избори сеуште ниту една партија не излезе со официјален предлог кандидат за некоја од скопските општини или пак со човек кој што ќе треба да седне на жешкото и моќно градоначалничко место во метрополата.

Но, што велат градски кулоари?

Како најактривно место помеѓу сите во Скопје е градоначалничката фотеља во главниот град. Во владејачката партија сеуште нема официјалане кандидат, но низ скопските кулоари се вртат имињата на неколку партиски функциониери. Дел од нив веќе пробно беа пуштени како информација во опозициските медиуми. Како најсериозни кандидати за ова место во СДСМ се споменуваат: Петре Шилегов,  Мухамед Зекири, но и актуелниот министер за информатичко општество – Дамјан Манчевски.  Според информациите во медиумите на партиските анкети се појавуваат и Стево Пендаровски и Игор Ивановски.  Додека во владејачката партија сеуште тече внатрепартиската дилема за идеалните кандидат во опозициската ВМРО ДПМНЕ речиси извесно е дека Коце Трајановски ќе биде кандидатот за градоначалник во Скопје.  Тој најпрво потрвди, а потоа ретерираше од ставот дека официјално влегува во градоначалничката трка. Албанските партии сеуште не ги објавуваат своите кандидати, но имајќи ја во предвид етничката структура во градот се чини дека ова место е помалку атрактивно и интересно за нив. Во главниот град се шпекулира дека на париите навистина им е тешко да најдат кандидат кој ќе успее да му се спротивстави на Коце Трајановски.

По првата градска фотеља се чини следна по атрактивност е градоначалничката функција во Центар.  Од СДСМ речиси е сигурно дека за оваа позиција кандидат ќе бидат Саша Богдановиќ – директор на Јавното претпријатие ПОЦ или човекот кој во 2015 година во неколку наврати беше претепан од непознати сторители. Од ВМРО ДПМНЕ сеуште нема официјален став околу кандатот со кој оваа партија ќе настапи на локалните избори, но се шпекулира дека тоа ќе биде лик од јавниот живот: бизнисмен или доктор. Како единствено име кое во моментов се врти за оваа позиција е Сашо Стефановски – досегашен директор на ФЗОМ. За градоначалничката позиција во оваа општина атакува и досегашниот градоначалник Андреј Жерновски кои најверојатно самостојно ќе се бори за добивање на гласовите во Центар.  Изминатиот период актуелна е јавната конфронтација со високите партиски структури на СДСМ чии развој навестува неизвесна разрешница. Оваа општина според анализите извесно е дека и понатаму ќе остане во рацете на владејачката СДСМ.

Во скопската општина Аеродром во ВМРО ДПМНЕ најсериозен кандидат за градоначалник е Ивица Коневски кои три пати по ред беше прогласуван за најуспешен градоначалник во Скопје. Од владејачката СДСМ за кандидат за градоначалник на оваа општина се споменува Златко Марин – Претседател на општинската организација на СДСМ во Аеродром.

Општината Карпош ќе биде интересна овие локални избори. Се чини дека таму најголемата битка ќе се води помеѓу актуелен и поранешен кандидат на СДСМ. Од опозициската партија многу веројатно во оваа општина да застанат позади својот коалициски партнер Стевчо Јакимовски кои во минатото беше кандидат на СДСМ за оваа општина. Додека во СДСМ како најсериозно претенденти за градоначалник се споменуваат Душко Весковски – претседател на општинската организација, но и Стефан Богоев – актуелен претседател на партискиот подмладот. Упатени извори велат дека во СДСМ се води вистинска „битка’ околу името на кандидатот за оваа општина.

Во Кисела Вода – општината која опозициската ВМРО ДПМНЕ оди на сигурна победа веќе речиси е јасна ситуацијата. Владејачката партија за кандидат за Кисела Вода веќе отворено го промовира Филип Темелковски – скопски угостител и син на високиот функционер на СДСМ – Зоре Темелковски кој важи за близок до структурите на Бранко Црвенковски. Од ВМРО ДПМНЕ во оваа општина речиси е сигурно дека кандидат за градоначалник ќе биде Јохан Тарчуловски. Дали ВМРО ДПМНЕ ќе успее да ја задржи оваа општина ќе покажат резултатите од локалните избори.

Не помалку интересни се општините кои се дел од Скопје, но припаѓаат на втората изборна единица. Така во Ѓорче Петров како можен кандидат за градоначалник од СДСМ се споменува Снежана Анѓелковска Трајковска, досегашен советник во општината Ѓорче Петров. Партиска кандидатура за градоначалник на оваа општина најави и Александар Наумовски кои на изминатите избори изгуби во тесна битка со тогашниот кандидат на ВМРО ДПМНЕ – Сокол Митровски. Во ВМРО ДПМНЕ сеуште течат партиските анкети за името на идниот градоначалник, но според информациите како најсериозни кандидати за оваа позиција се споменуваат имињата на поранешните министри во владата на ВМРО ДПМНЕ: Спиро Ристовски и Владо Мисајловски.

Засега останува енигма околу партиските кандидати за Гази Баба и Бутел. Ниту ВМРО ДПМНЕ, а ниту СДСМ до сега јавно не коментираат околу имињата на кандидатите за овие две општина. Првата важи за општина во која ВМРО ДПМНЕ сигурно ќе ја добие поддршката на граѓаните, а втората можно е да отиде во рацете на владејачката партија СДСМ.

Помеѓу македонските електорат Чаир важи за општина која не предизвикува голем интерес. Но, чаршиските муабети велат дека можно е Мухамед Зекири, доколку не добие поддршка за градоначалник на Скопје да оди кандидат за оваа скопска општина. Од ДУИ како можно кандидатско име кое ќе влезе во градоначалничката трка се споменува Бујар Османи – актуелен вицепремиер за евроинтеграции. Другите партии сеуште не ги откриваат своите адути.