МВР ја потврди тепачката во ЈП Водовод и канализација Скопје

Како што објавија повеќето медиуми тепачка имало попладнево во ЈП Водовод и канализација Скопје. Физичката пресметка била помеѓу членовите на Управниот одбор и обезбедувањето во јавното претпријатие, а истата веќе и официјално ја потврдија од МВР.

Конфликтот настанал откако по наредба на директорот Драган Илиевски на вработените им било забрането да држат состанок во канцеларијата на четвртиот спрат, каде со години се држат состаноци. Им било речено да одат на петиот, најгорен кат, каде нема канцеларија туку треба да држат состанок во ходник.

Членовите не прифаќале да одат на петиот кат, но обезбедувањето не ги пуштало да влезат во канцеларијата, по што настанала тепачка.

„На 03.11.2023 година во 13.30 часот лице од Управен одбор на ‘Водовод’ пријави дека во просториите на ‘Водовод’ дошло до нарушување на јавниот ред и мир“, велат од полицијата. 

Полициски службеници од ПС Центар се упатени на местото на настанот.