Откако својот настап на „Д-фестивал“ го потврдија речиси 40 музички артисти од светската, регионалната и од домашната сцена, програмата на новото фестивалско лето во Дојран станува уште посилна со едно од најголемите музички имиња од македонската сцена на сите времиња.

Фестивалот годинава ќе има чест да биде домаќин на великанот од домашната музичка сцена, легендарната рок-група „Архангел“, која ќе настапи како главна ѕвезда на главната бина.

Неверојатно моќниот уметнички израз, пораката и енергијата што „Архангел“ ја пренесува на своите настапи, без сомнеж е најсилното оружје на групата. Потврда за тоа е секако и безвременото творештво и култните песни како: „Милион долари“, „Нож“, „Војна“, „Сениште“, „Uber Makedonische“, „Архангел“, „Молк“, „Човек без име и презиме“, „Вина, невина“ и многу други.

Со своите безвременски хитови „Архангел“ како никој друг постигна култен статус не само кај нас, туку низ цела поранешна Југославија. Групата е оформена во 1989 година од страна на Ристо Вртев, во својата кариера има издадено четири албуми: „Архангел 1“ (1991), „Архангел 2“ (1993), „Heart Core“ (1998) и „Небесна машина“ (2003). Со денес култните песни од овие албуми, „Архангел“ се смета за една од најдобрите групи во Македонија во 1990-тите години, која безмалку цели три децении убедливо стои на врвот од најреспектираните музички имиња кај нас.

Станува збор за едно од малкуте музички артисти што со своето творештво оставија најзначаен белег на современата музичка сцена на Македонија и одбележаа генерации чија младост одекнува преку нивната музика.
Покрај „Архангел“, својот настап на „Д-фестивал“ досега го потврдија и „Рудиментал“, диџите Рони Сајз, Кирил Џајковски со својот бенд, потоа групите „Куп Оскар оркестра“, „Синистер“, „С.А.Р.С.“, „Стринг форсес“, „Егоритмиа“, „Проџект ракија“, „Месечинка“, „Чалгија саунд систем“, „Трап да фак ап“, Да Џака Накот, а оваа листа наскоро ќе се збогати и со уште нови изненадувања, потврдуваат организаторите.