Мобилни телефони, ракавици, паричници, чадори... Што се губат скопјани во градските автобуси

Мобилни телефони, ракавици, чадори, паричници, ранци, книги и облека се само некои од работите што граѓаните на главниот град секојдневно ги забораваат во градските автобуси. Надлежните од јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) велат дека редовно секој ден имаат по дваесетина случаи на сенилност, а според упатените невниманието е главен фактор за заборавањето на предметите во автобусите, такси-возилата, институциите, клупите, продавници... Биро за изгубени работи на ниво на градот, сѐ уште нема во метрополата. 

Во ЈСП веќе одреден период постои секторот Изгубено-најдено каде што граѓаните ќе можат да го побараат она што го изгубиле. Шансите да го пронајдете тоа што сте го изгубиле се многу поголеми, ако предметот го најде возачот на автобусот.

- Патникот освен своите лични податоци, ќе мора да пријави во кој автобус, на која линија и во кое време го изгубил предметот што го бара. Ако предметот е стигнат кај нас, патникот ќе може да си го земе назад - велат од претпријатието. 

Оттаму известуваат дека дневно добиваат околу дваесет повици од граѓани што си ги бараат своите изгубени предмети. За помалку упатените, секторот Изгубено-најдено се наоѓа во населбата Автокоманда на булеварот Александар Македонски во кругот на дирекцијата на ЈСП. Но тој е наменет исклучиво за заборавените предмети во автобусите на градскиот сообраќај.

Според правилата за работење на јавното претпријатие, возачот на автобусот има обврска секој предмет за кој не се знае сопственикот, да го предаде кај колегите од секторот Изгубено-најдено веднаш по завршувањето на смената.

- Ако некој од патниците заборави одреден предмет со завршување на смената, возачите го доставуваат во нашата канцеларија за Изгубено-најдено каде што секој патник го пријавува губењето на својот предмет - додаваат оттаму. 

Од ЈСП велат дека работите што не можат да утврдат чии се, ги складираат и ги чекаат сопствениците да им се јават.

- Повеќето од најдените предмети се вратени, но има и такви што сѐ уште се наоѓаат во нашите простории - велат од ЈСП. 

Оттаму појаснуваат дека многу често тие самите ги бараат сопствениците на изгубените предмети, преку адресата на живеење, телефонскиот број или, пак, на социјалните мрежи.
Тие не се единствените што имаат отворено ваков сектор. Таков постои и во МВР и се вика оддел за Изгубени/најдени предмети. Граѓаните го поздравуваат постоењето на овие сектори и сметаат дека се од исклучителна важност за граѓаните. 

- Познавам неколку другари што преку овие два сектора успеале да си ги повратат своите мобилни телефони. Живееме во брзо време, понекогаш не сме свои, па често знаеме да изгубиме нешто - вели Златко Г. од Скопје. Освен овие сектори и на социјалната мрежа Фејсбук постојат неколку страници каде што граѓаните си помагаат меѓу себе. На тие страници има барања за наоѓање различни работи, од изгубени миленичиња до велосипеди и клучеви.

 

Извор: новамакедонија.мк