Првпат низ Европа во времетрање од една недела ќе се прослават Европските оперски денови. Над 70 оперски институции од 18 држави, меѓу кои и Македонија, од денеска до 14 мај ќе ги отворат своите врати за публиката нудејќи им содржини посветени и инспирирани од операта.

Македонската опера и балет со премиерата на детската оперета „Пролетна приказна“ од Стојан Стојков ќе ги прослави Европските оперски денови 2017. Премиерата е предвидена за 20 мај од 12 часот на малата сцена на МОБ. Режијата е на Трајко Јордановски и Теа Богатиновска, диригент на детскиот хор „Фалсето“. Публиката ќе има можност оваа претстава да ја погледне на 20 и 21 мај од 12 часот на малата сцена на МОБ.

„Пролетна приказна“ го отсликува будењето на пролетта и природата. Музичкиот израз на делото кореспондира со естетските и технички елементи прилагодени на возраста на децата од предучилишна и училишна возраст, а хармонските елементи во него се едноставни, со јасна тонална подлога.

Делото ги содржи сите формални елементи на жанрот опера: хор, солисти, дуети, балет и инструментална подлога, а во него авторот внесува и наратори кои ја водат приказната преку рецитативната форма.

– Повеќе од евидентна е потребата за создавање музичко-сценско дело за деца. Ваквата форма е дефицитарна не само кај нас туку и на интернационално ниво. Тргнувајќи од овој факт, јас се согласив да го создадам оваа музичко-сценско дело, кое се надевам ќе предизвика интерес кај нашата најмлада музичка публика, изјави диригентот Теа Богатиновска.

Детскиот хор „Фалсето“ при Македонската опера и балет е формиран во 2016 година и брои 40 членови на возраст од 9 до 15 години. Основна идеја и цел на ансамблот е воведување на децата во светот на класичната музика и запознавање со оперскиот репертоар, совладување на хорската техника и стекнување хорска култура. Главна активност на малите хористи е учеството во оперските претстави на големата сцена каде тие добиваат можност да настапат рамо до рамо со реномирани уметници.

Европските оперски денови се посветени на прославување на операта и нудат можност да се посетат оперските институции. Тоа е иницијатива на Opera Europa, европска организација за професионални оперски компании и фестивали и RESEO, Европска мрежа за оперско-балетска едукација. Соработката помеѓу МОБ и Opera Europa почна во 2008 година.