Мјузиклот „Тајно моја“ во режија на Тони Михајловски, кој чинеше 100 илјади евра, е симнат од репертоарот на Македонската опера и балет (МОБ) до крајот на 2017 година, а неизвесна е и балканската турнеја, пренесува порталот Сакам да кажам.

Мјузиклот во чест на Тоше Проески, по либрето на Огнен Неделковски премиерно беше изведен на 24 март годинава, и имаше десет изведби.

Минатата недела, в.д. директорот на МОБ Илија Рајковски на прес најави дека имало преговори за балканска турнеја на „Тајно моја“, но засега се откажува.

Според него, парите за турнеја со кои располага МОБ, 20 илјади евра се премалку, и како што рече, во договор со организаторите на турнејата од Словенија, неизвесно е нејзиното одржување,  бидејќи побарал државна финаниска ревизија за досегашното работење на куќата.

Парите за „Тајно моја“ беа обезбедени од Министерството за култура, бидејќи проектот беше дел од годишната програма на МОБ. Претходно, за потребите на претставата имаше кастинг талент шоу, кое почна на 28 ноември 2016 година, како копродукција на МОБ и телевизијата Канал 5. Кастинг-талент шоуто се финанисираше од сопствени средства на МОБ, добиени по пат на спонзорства од компании кои се рекламираа во шоуто.