Министерството за одбрана регрутира пилоти

Центарот за обука на пилоти, заедно со Министерството за одбрана на Република Македонија, денес во АРМ ќе го објави конкурсот за нови пилоти. Кандидатите ќе подлежат на низа тестирања, пред да започнат со летачките активности. Најбитна е физичка и здравствена способност. Втората фаза се компјутерски тестирања и вежби, кои се специјално приспособени за оваа намена. Во финалната фаза, кандидатите ќе се проверуваат во 10 летови со авионот ZLIN 242L.

Кандидатите кои успешно ќе ги завршат сите селективни тестови се здобиваат со статус на кадети и отпочнуваат со школувањето за воен пилот. Центарот за обука на пилоти е наменет за селекција и обука на пилоти за потребите на АРМ, и е концепиран по примерот и стандардите на воздухопловната академија на Израелското воено воздухопловство.