Министерството за економија ќе ги субвенционира бизнисите управувани од жени

Со 2,4 милион денари (околу 39,6 илјади евра) Министерството за економија ќе ги субвенционира бизнисите управувани од жени. 

Според јавниот повик кој е веќе објавен и трае до крајот на септември се покрива 70 отсто од трошокот но не повеќе од 120.000 денари.

Финансиската поддршка е наменета за набавка на опрема, алати и инвентар,за уредување или подобрување на деловниот простор, како и за изработка на визуелен идентитет на производот, изработка на веб страница, дизајн на логотип, изработка и печатење на рекламни материјали за што се признава 70 отсто од трошокот но не повеќе од 40.000 денари.

Министерството за кономија нема да кофинасира трошоци кои се направени за набавка на потрошен материјал и возила, потоа платеното ДДВ занабавките, курсните разлики и закупнината на деловниот простор.

Право на учество имаат фирмите кои претходно не добиле субвенции кои се во сопственост на жени над 50 отсто и се управувани од жени државјанки на Република Македонија.

Овие фирми треба да постојат најмалку еден месец пред објавување на огласот, имаат седиште во земјава имаат минимум двајца вработени на неопределено време (сопственичката и еден вработен) и да ги подмириле обврските кон државата и вработените.

Доделувањето на субвенциите ќе се врши по принципот „прв дојден, прв услужен“ се до потрошување на планираните средства за таа намена.