Малдиви, Тајланд, Бали и Тенерифе - се повеќе Македонци се одлучуваат за егзотични патувања

Од туристичките агенции велат дека оваа година акцентот е ставен на вонсезонските аранжмани во Грција, но сепак оние со подлабок џеб знаат да ги побараат и Малдивите, Тајланд, Бали и Тенерифе.

“За разлика од претходните години, кај индивидуалните патувања оваа година има драстично поголема заинтересираност. Далечните дестинации ги бараат буквално сите, од најмладите па до најстарите. Луѓето на тие дестинации очекуваат да најдат мир и спокојство, да уживаат во интимата и приватноста кои тие ги нудат. Хит дестинации се Малдивите и Тајланд“, велат од туристичките агенции.

Оттаму нагласуваат дека станува збор за индивидуални аранжмани кои заинтересираните си ги бараат, но не и групни, затоа што како што велат, многу е тешко да се собере група за ваква далечна дестинација. Додаваат и дека ваквите дестинации се бараат и нудат преку целата година, со оглед на тоа дека кога кај нас е зима, многумина имаат можност да уживаат во исклучително пријатниот Тајланд. 

Индивидуалните понуди најчесто се изготвуваат за меден месец, за одмор, како и за најразлични јубилеи кои вредат за да се прослават со коктел на Бали.

-Кога се бараат вакви далечни дестинации, луѓето најчесто одбираат хотели со четири и над четири ѕвезди. Сакаат да платат и да одат на ексклузивен одмор“, велат тие.

Но, да не се разочарувате, аранжманите за ваквите дестинации почнуваат од “скромни“ 1.200 евра. Доколку се одлучите за тропските убавини на Тајланд, агенциите го нудат за 1.500 до 1.600 евра по лице, и може да се каже дека е една од “поевтините“ егзотични дестинации.

За 13 дневно уживање во сензационалниот Бангкок каде преку целата година е топло, а особено во летото, ќе треба да одвоите 1.370 евра и да ги подготвите куферите за да може да тргнете на 16 август.

Сепак, за оние со потенок џеб на кои ваквите дестинации им останува да ги гледаат само на филм, ова лето агенциите нудат навистина интригантни аранжмани достапни за сечиј вкус. 

Скопјани одлучни, ова лето ќе го поминат поскромно, откако веќе се истрошија на поевтините вонсезонските патувања кај соседите. Тие пак велат, со оваа економска криза, добро е што успеваат и толку да си дозволат.