Над 18 милијарди евра свртеле лани македонските компании. Со таков промет, тие оствариле додадена вредност од четири милијарди евра.

Во однос на годината пред тоа, прометот на вкупно 55.308-те предоминатно пазарно ориентирани деловни субјекти бил поголем за три, а додадената вредност зголемена за седум проценти, покажуваат структурните деловни статистики на Државниот завод за статистика.

Најголем дел од компаниите во Македонија, или 41 процент, се трговски и во нив работат четвртина од вкупно 375.129-те вработени во државата. Тие реализираат близу половина, односно 42,9 отсто од вкупниот промет и 24 проценти од вкупната додадена вредност.

Со најмногу вработени, или 30,6 отсто од вкупниот број работници во државата е преработувачката индустрија, која создава над четвртина, или 26.4 отсто од вкупната додадена вредност. Статистичарите пресметале дека со значително учество во додадената вредност се и градежништвото ( 11,1%), транспортот и складирањето (8,6%) и снабдувањето со електрична енергија, гас и пареа (7,1%).

Фирмите во Македонија главно имаат по помалку од 10 вработени. Или, микропретпријатија се дури 90,3 отсто од вкупниот број деловни субјекти, а речиси половината од нив се занимаваат со трговија. Во фирма со помалку од 10 работници е ангажиран секој трет вработен во државата. Ваквите компании создаваат 22 проценти од вкупната додадена вредност.

Од друга страна, во големите претпријатија, или во останатите 0,3 отсто кои се главно од преработувачката индустрија, работат 24,1 проценти од вкупниот број вработени, а тие создаваат 34,2 проценти од вкупната додадена вредност во рамките на деловниот сектор.

Сите македонски компании заедно за вработените потрошиле безмалку две милијарди евра, што значи дека во просек годишно еден вработен фирмите ги чини 5.331 евро. Нешто повеќе, или 2,1 милијарда евра им е вкупниот деловен трошок на фирмите на годишно ниво.