Македонски железници одбележува 145 години од основањето

Македонски железници Транспорт АД Скопје  го  зголеми товарниот превоз за 35,25  проценти во периодот од септември минатата година до март годинава, споредбено со периодот септември 2016 година  – март 2017 година, а бележи и раст од 30 проценти на превезните патници од почетокот на годинава во однос на истиот период лани.

Како што наведуваат за МИА од МЖ Транспорт АД Скопје по повод  9-ти Април – Денот на железниците во Македонија кога се одбележуваат 145 години од постоењето, истовремено со помош на Владата редовно се исплаќаат платите.

– Соочени со бројни предизвици од изминатите години кои имаа негативно влијание во работењето на нашата компанија, успеавме во изминатите осум месеци да се справивме со бројни проблеми, за дел од нив можеме да кажеме дека ги надминуваме, а за останатите се трудиме да ги намалиме негативните ефекти кои произлегуваат од нив, наведуваат од МЖ Транспорт.

Истакнуваат дека резултатите со зголемениот обем на товарниот транспорт и на превезените патници  се постигнати со помал број возни средства, што, потенцираат, на нивниот успех му дава уште поголема тежина.

Се надеваат дека со помош на Владата преку вложување во ревитализација и обнова на железнички возен парк, уште повеќе ќе ги подобрат резултатите во работењето  во наредниот период.

– Веруваме дека оваа, 145-та година од постоењето на Македонски Железници, ќе спроведеме низа позитивни мерки во работењето на нашата компанија, со што целосно ќе го смениме ликот на Македонски Железници Транспорт АД-Скопје во еден модерен европски железнички превозник, истакнуваат од железничката компанија.

Железничкиот систем на просторот на Република Македонија датира од 9 април 1873 година со пуштање на пругата Солун – Скопје.