Македонија остана и без професионални возачи

Одливот на возачи во странство претставува голем проблем за регистрираните автобуски превозници. Возачите ги искористувале обуките кои во одреден период ги имаше Агенцијата за вработување, со цел побрзо добивање на возачка дозвола од Д категорија, по што заминуваат во странство.

-Секојдневно имаме одлив на возачи зашто самите знаете дека Европската унија континуирано има отворено огласи и континуирано бараат возачи, вели претседателот на Асоцијацијата, Горан Трпковски.

Намален е и бројот на патници бидејќи поради „дивите превозници“, регистрираните се принудени да ги намалуваат или укинуваат автобуските линии. Државата годишно поради нив губи околу 600 милиони денари.

- Пред три години имавме статистика каде што во просек, од 50 седишта, исполнетоста кај нас беше 65 отсто. Во тековната година ситуацијата е алармантна, каде што легитимните превозници превезуваат меѓу 30 и 40 отсто, вели Трпковски.

Претходно на дивите превозници им се одземаа возилата, но Уставниот суд ја укина оваа мерка.

Како една од мерките за поддршка на автобускиот превоз предлагаат државата за студентите покрај за железничкиот превоз да дава субвенции и за автобускиот.