Македонија набавува уште 4 локомотиви од Кина

Постигнат е договор за набавка на 4 нови електрични локомотиви од компанијата ЦРРЦ Џуџоу од Кина, за потребите на Македонски железници-Транспорт. 

Произодителот на електричните локомотиви е избран како најповолен понудувач на интернационален тендер вреден 8 милиони евра. Од кинеската компанија најавуваат дека Македонија ќе добие безбедни возови со врвни перформанси и секако, прекрасен изглед. Се работи за истата компанија од која претходно беа набавени шестте моторни гарнитури, од кои 4 веќе се користат за потребите на патничкиот сообраќај. Од МЖ велат дека тендерот го добила компанија која понудила особено исплатлива понуда. За парите, првично било предвидено да се набават 3 електрични локомотиви, но за сумата, Македонија ќе добие 4. 

Заедно со локомотивите, од Кина ќе пристигнат и стручни лица кои ќе помогнат во обучување на персоналот во МЖ за сервисирање на новите возови. Паралелно со тоа, при крај се приведува реконструкцијата на депото во Лисиче. Со тоа ќе се создадат услови за правилно одржување на новонабавените возови. Се очекува новите возови да допринесат за побрз и поефикасен железнички сообраќај, како и за поголем комфор и уживање на патниците. Испораката на нарачаните локомотиви, според договорот е предвидена до крајот на 2017-та година.