Македонец од Австралија: Инспириран од виножитото секој ден прави здрави училишни оброци

Британскиот весник „Дејлимејл“ неодамна ја пренесе приказната за Џорџ од Австралија, кој инспириран од виножитото, секој ден им ги подготвува училишните оброци на двете ќеркички.

Неовот хоби за кусо време прераснало во блог School Lunch Box и денес има илјадници следбеници на кои им ги пренесува своите идеи за здрави училишни оброци. Џорџ за „Дејлимејл“ објасни дека секој петок им подготвува оброк со географско потекло и на тој начин им ја приближува културата и традицијата на конкретната земја. Токму тој петок Џорџ беше фокусиран на Македонија.

Има 43 години. Женет е со Марина (40) и имаат две ќеркички, Анела (7) и Киара (Кики 4,5). Имаат свој бизнис – продаваат подови за домување. Родени се во Мелбурн, но сега живеат во Џилонг, град со 250.000 жители, на брегот на Австралија.

- Моето презиме Георгиевски секако е македонско. Татко ми е роден во Битола, а мајка ми во Кичево. Обајцата се преселиле во Австралија во 1968 година. Родителите ме научија многу позитивни нешта за македонската култура. Татко ми беше многу горд Македонец, почина пред 20 години. Тој е мојот херој и личност на кој најмногу се огледам, ми недостига секој ден... Мајка ми е неверојатна жена со златно срце. Моето крстено име е Гоце, но во Австралија сите ме викаат Џорџ. Имам сестра и двајцата сме родени тука, во Австралија. Досега трипати сум бил во Македонија, а кога сум таму чувствувам дека срцето ми е исполнето. Имам чувство на припадност и блиска ми е културата која е толку богата и особена. Навистина ја сакам Македонија и гостопримливите луѓе. Татко ми ме научи да пишувам и читам македонски и многу добро го разбирам јазикот.Ако секој во светот проба македонска храна, нема да има војни и недоразбирања - вели Џорџ.

Повеќе на Факултети.мк.