Љубов е кога љубиш и кога сѐ останато е помалку важно од тоа...

Кои сте вие и што е она што ве дефинира?

Луѓето со кои се дружите, работите кои ги сакате, облеката која ја носите? Семејството? Парите? Музиката која ја слушате? Автомобилот кој го возите?

Она што мене ме дефинира е љубовта. Откога знам за себе, јас сум заљубена. Во книги, во природа, во Бекстрит бојс, па после почнав да се заљубувам и во дечковци.

Неколку пати ми го скршија срцето, а јас и натаму љубев. Без страв. И натаму нетрпеливо ги чекав своите пеперутки во стомакот. Срамежливите прошетки во парк. Смотаните и несигурни први бакежи. Па и првите солзи.

И сите тие беа подеднакво убави: И возвратените, но и невозвратените љубови.

Не можам да ги разберам луѓето кои бегаат од љубовта. Луѓето кои пресметуваат. Кои бројат колку пати се јавил тој, а колку пати таа. Љубовта не е логична, ниту разумна, ниту има простор за пресметки во љубовта. Кога сакаш, тогаш најчесто одиш со глава во ѕид. Паѓаш. Понекогаш и плачеш. И потоа сѐ поминува. Но, се бориш и не се откажуваш.

Кога човек е заљубен, тогаш не јаде, не спие, понекогаш заборава да дише.

Кога човек е заљубен, тогаш не оди, туку лебди.

Кога човек е заљубен, не се плаши од ништо.

Кога човек е заљубен, бакнежот може да го поправи и лошиот ден, но и лошиот месец.

Кога човек е заљубен, тогаш будалесто се смее и на добиено киндер јајце.

Кога човек е заљубен, во состојба е со часови да седи покрај река и да гледа во ѕвездите.

Кога човек е заљубен, доволна е една прегратка за да се стопи.

И што би можеле повеќе да бараме од животот?

Тие чувства никогаш не би можела да ги заменам со нешто материјално. Ниту еден автомобил, хотел, скап подарок, спа центри, нтиу едни бицепси, ниту убаво лице зад кое нема суштина.

Поради љубовта правев многу глупави работи. Се плашев поради љубовта. Поради љубовта понекогаш одев и контра рационалниот дел од себе и никогаш не ми беше жал поради тоа. Дури и поради оние за кои знам дека не беа љубов, туку привремен каприц.

Зошто вака патетично и лигаво ви пишувам за љубовта? Затоа што гледам дека луѓето заборавија како е да се љуби, затоа што луѓето не љубат доволно. Затоа што дозволуваат угледот, репутацијата или глупава гордост да бидат поважни од љубовта. За љубовта се бориш ако се грижиш.

Еден поминат ден со оној покрај кој збеснуваат пеперутките во твојот стомак и дланките и се потат, додека очите ти блескаат и додека мутаво го гледаш е поважен од цел живот исполнет со некаква глупава гордост.

Љубовта е зезната и опадна. Кога ќе се претвориш во мек сунѓер, тогаш доволен е и еден ветер да те одвее. Но, додека лебдиш и будалесто се смееш, мораш да признаеш дека нема поубаво чувство од тоа. И целата болка, сѐ она што може потенцијално да те уништи, еден ден ќе сфатиш дека вреди, особено кога ќе се сетиш какво било чувството на чиста среќа. И кога ќе се сетиш на паркот. И клупата. И ноќите кога и двајцата сте посакувале да траат вечно. И тие некои прегратки во кои би сакале да бидете засекогаш.

Ве лажеле дека само еднаш се сака, па затоа може се плашите.

Ве лажеле дека скршените срца нѐ се лечат, па мислите дека не можете да се справите со тоа.

Не би имало ништо потажно за човекот доколку навистина би бил во состојба само еднаш да сака.

Љубовта не е предмет, па да може да се потроши.

Љубовта не се учи.

Љубов е кога се љубите и кога сѐ друго е помалку важно.