Крводарителска акција во Карпош, собрани 50 единици крв

Општина Карпош во соработка со општинскиот Црвен крст и Институтот за трансфузиска медицина, ја организира традиционалната крводарителска акција која се одржува во рамки на спортската сала на ООУ „Лазо Трповски“ во населбата Карпош 3. Во насока на заштита на јавното здравје од општината потенцираат дека денешната акција се реализира со строго почитување на ковид протоколите.

– За да постигне поголем одѕив, локалната самоуправа минатата недела преку социјалните мрежи и општинската веб страница ја информираше јавноста за денешната крводарителска акција. Оттаму, својата хуманост на дело ја покажаа граѓаните на Карпош, вработените во општинската администрација и урбаните заедници, како и вработените во основните училишта и градинките на територија на општината, посочуваат од Општина Карпош.

Крводарителската акција започна во 9 часот наутро, а ќе трае до 17 часот попладне. До 13 часот биле донирани околу 50 единици крв, а организаторот се надева дека до крајот на акцијата, бројката ќе се зголеми двојно.

По тој повод, градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски во својот кабинет денеска оствари работна средба со организацискиот директор на Институтот за трансфузиска медицина Венко Стомнароски и со раководителот на одделот за крводарување, Горан Андонов.