„Крпен живот“ - работиме само за да се прехраниме

Според податоците на Државниот завод за статистика трошоците на живот во ноември 2017 година, во споредба со ноември 2016 година бележат пораст од 2,2 отсто, а цените на мало бележат пораст за 4,6 отсто.

Трошоците на живот и индексот на цените на мало, во ноември 2017 година во однос на претходниот месец се зголемиле за 0,2 отсто. Порастот на индексите на трошоците на живот од 0,2 отсто во ноември 2017 година во споредба со претходниот месец, е резултат на повисоките индекси на сирењето и урдата за 2,4 отсто, замрзнатото овош је за 1,8 отсто, компирот за 1,5 отсто, оризот, сушениот зеленчук, другиот конзервиран и преработен зеленчук за 1,1 отсто, другите прехранбени производи за 0,9 отсто, другите пекарски производи и месото за 0,8 отсто, млекото за 0,6 отсто, маслото и маснотиите за 0,5 отсто, рибата и морските плодови, цигарите за 0,4 отсто, брашното и другите жита за 0,3 отсто,трбушките, сушеното, соленото и чаденото месо за 0,2 отсто.

Во ноември, исто така, пораст на индексите на трошоците на животот е забележан и кај фотографската и кинематографската опрема и оптичките инструменти за 5,8 отсто, болничките услуги за 4,7 отсто, телефон и телефаксопремата за 4.4отсто, течните горива за домаќинствата за 4.1отсто, информатичката опрема за 3.0отсто, течните горива и мазива како дел од опремата за сопствени сообраќајни средства за 2,6 отсто, гасот за домаќинствата за 2,3 отсто, цврстите горива, накитот и часовниците за 1,5 отсто и облеката, услугите за култура за 0,3 отсто.

Според последните податоци на Народната Банка (НБРМ) вкупните кредити дадени на домаќинствата во октомври 2017-та достигнале 2 милијарди и 207 милиони евра, а во октомври 2016-та биле 2 милијарди и 100 милиони евра што е зголемување за нешто над 100 милиони евра за една година.

Просечниот Македонец на банките им должи 1.094 евра, за една година се задолжил за дополнителни 80 евра.

Најголем дел од кредитите се денарски (нивната вредност надминува 2 милијарди евра), а многу помал дел се со валутна клаузула. Околу половина од кредитите се потрошувачки (една милијарда), следат станбените (нешто над половина милијарда), па минусите на кредитните картички.

Автомобилските кредити едвај надминуваат пет милиони и имаат тренд на натамошно намалување.

„Кај автомобилските кредити, како најмалку застапени инструменти, е регистрирана нагорна месечна промена од 1,0%, додека на годишно ниво е забележано намалување од 5,6%“ се наведува во заклучокот на Комитетот за монетарна политика на НБРМ.

Анализирано на годишна основа, кредитниот раст од 4,8%, во најголем дел се потпира на растот на кредитите кај секторот „домаќинства“ (89,4%).

„Во октомври вкупните кредити остварија минимално месечно зголемување од 0.1% како резултат на растот на кредитирањето на секторот ‘домаќинства’… Кај вкупните кредити на домаќинствата е остварен месечен и годишен раст од 0,5% и 9,3%, соодветно. Притоа, зголемената кредитна активност кон домаќинствата на месечно и годишно ниво главно е сконцентрирана кај денарските кредитни продукти“наведува Комитетот за монетарна политика на НБРМ.

И депозитите бележат раст на годишна основ од 1.1%. Ова е многу помалку во споредба со претходните години кога растот достигнуваше и 7 до 8%. Вкупните депозити во октомври биле 5 милијарди и 274 милиони евра.

„На годишно ниво, растот на корпоративните депозити изнесува 7,2%, и се должи на растот на депозитните пари, долгорочните депозити во денари и на краткорочните депозити во странска валута… Вкупните депозити на домаќинствата во октомври бележат раст на месечна и на годишна основа од 0,4% и 5.3%, соодветно. Притоа, месечниот раст во целост произлегува од нагорната промена кај девизните депозити, додека годишниот раст е распределен помеѓу депозитите во денари и во странска валута, со поголемо учество во растот на денарските депозити (58,1%)“ наведува Комитетот за монетарна политика на НБРМ.