Кризата ќе го „угаси“ Крстот на Водно?

Генералниот секретар на Беса, Арјанит Хоџа, вчера побара да се исклучи осветлувањето на Милениумскиот крст на врвот на Водно по примерот на одлуката на Франција повеќе да не свети Ајфеловата кула во Париз.

„Во Париз е донесена одлука за намалување на осветлувањето на Ајфеловата кула, со што се заштедуваат непотребни трошоци за струја особено во периодот на енергетската криза која започна и се очекува да се продлабочи оваа зима. Наместо нашите лидери да ни кажуваат како да се користи струјата во домаќинствата, јас јавно предлагам да почнат да штедат и да го прекинат непотребното осветлување на Милениумскиот крст на Водно, Скопје!“, објави Хоџа на Фејсбук.

Оваа негова констатација наиде на бурни реакции на социјалните мрежи, а најмногу се реагираше дека во Арачиново не се плаќа струја, па така Хоџа има најмалку право да го бара ова.

-Скопје е христијански град и крстот мора да свети. Сите светилки пред седум години се преправени во лед и многу малку троши струја, вели еден скопјанец.

-Нека си гледа тој за џамиите, за нивните светилки и звучници, а не да кажува за симболот на верата на нас Македонците.

-Нема проблем, штом ја платите украдената струја во Арачиново веднаш го гасиме Крстот.

Ова се само дел од коментарите кои му ги упатија скопјани на Хоџа. Потенцираат дека сакаат да свети Крстот на Водно за да, како што велат, ги потсетува на вербата и надежта дека ќе се истрае и во оваа криза. 

Претходно, кога Град Скопје ги објави мерките за штедење на струја во нив не беше предвидено исклучување на осветлувањето на Крстот. Останува да видиме ќе има ли промена на оваа одлука со оглед на претстојната криза. 

Милениумскиот крст се наоѓа на врвот Крстовар на планината Водно, непосредно над градот Скопје. Изграден е во 2002 год. Со 66 м височина, тој е еден од највисоките градби во Македонија. Изграден е во чест на две илјади години христијанство во Македонија и доаѓањето на новиот милениум.