КРАЈ НА НАЈДОЛГАТА ПОТРАГА: По цели 23 години брутален убиец се враќа зад решетките

Со екстрадиција на македонскиот државјанин Д.М. од Италија во Македонија, на крајот од минатиот месец, МВР ја оконча најдолгата потрага по бегалец во историјата на македонската полиција, која траеше цели 23 години, 1 месец и 14 дена.

Осудениот заедно со лицето С.Ѓ. во 1989 година го убиле лицето Ж.К. со секира, го искасапиле неговото тело и ги замотале остатоците во најлони.

„На 12.1.1989 година Д.М. и С.Ѓ. извршија свирепо убиство врз лицето Ж.К., при што откако го намамиле во стан, Д.М. со претходно подготвена секира го удрил во главата, а откако жртвата паднала на подот, Д.М. му нанел уште неколку удари со секирата, за подоцна да го искасапат телото замотувајќи ги остатоците во најлони, со намера полесно да се ослободат од телото“, соопшти МВР.

На 19.6.1989 година тогашниот Окружен суд во Битола ги осудил Д.М. на 15 годишна и С.Ѓ на 12-годишна затворска казна за кривично дело убиство.

Но на 14.3.1994 година Д.М. ја искористил можноста при добивање викенд-отсуство да побегне од КПУ „Идризово“, а веќе наредниот ден е распишана меѓународна потерница за него, по што започнува и меѓународната потрага, која траеше цели 21 година, 8 месеци и 12 дена.

Тој бил лоциран и уапсен во Италија на 27.11.2015 година. По двегодишната екстрадициска постапка, тој минатиот месец е спроведен во КПУ „Идризово“, каде што треба да ја одлежи затворската казна изречена во 1989 година.