Премиерот Димитар Ковачевски се обрати на настан по повод потпишување договор за реализација на проект за изградба на ресурсен центар за повратници и лица во ризик во општина Шуто Оризари.
Преку ресурсниот центар граѓаните ќе имаат непречен пристап до здравствени и социјални услуги, вработување, предучилишно и училишно образование и пристап до правна помош.
Ресурсниот центар, како што истакна Ковачевски, е предвидено да биде мост меѓу жителите на оваа општина и државните институции, наменет пред сè, за повратниците, како и за сите жители на општината Шуто Оризари, кои ќе може полесно и побргу да дојдат до бараната услуга во соодветната институција.
„Се работи за еден модерен, едношалтерски систем, каде што ќе може сите информации и услуги граѓаните на Шуто Оризари да ги добиваат на едно место, брзо и ефикасно, и потоа да бидат процесирани или да бидат упатувани и советувани што треба да направат. Центарот треба да обезбеди социјална и економска реинтеграција на жителите на Шуто Оризари и ќе создаде повеќе можности за повратниците да станат поактивни на пазарот на трудот“, рече Ковачевски.
Ресурсниот центар е планиран да биде мултифункционален објект, приспособлив во зависност од потребите граѓаните и да е лоциран во зградата на Општина Шуто Оризари. Предвидено е тој да се заврши до крајот на годината и ќе чини околу 180 илјади евра, од кои околу 81.000 евра ќе бидат обезбедени преку ЕУ, а преостанатите ќе ги обезбеди Општината за што навистина изразувам честитки од Општината, градоначалникот, Советот и до сите што се вклучени.