Коста Начевски е нов директор на „Дрисла“

Коста Начевски е вршител на должност директор на Јавното претпријатие „Дрисла“, откако претходно од директорската позиција беше разрешен Горан Ангелов.

Градоначалниот на Скопје Петре Шилегов претходно ги достави документите до Централен регистер за разрешување на Ангелов.

Шилегов вчера на прес-конференција објави дека „Дрисла“ и официјално преминува во „сопственост“ на Град Скопје.

„Денеска и официјално завршува деветгодишната авантура на ВМРО-ДПМНЕ со која овој моќен градски капацитет беше даден на користење на несоодветни т.н. партнери на градот. Во периодот што следува, за исправноста на работењето на депонијата ќе одговара Град Скопје и јас лично како ваш градоначалник“, рече Шилегов.

По седницата на Советот на Град Скопје закажана за 29 јануари ќе бидат избрани управен и надзорен одбор на сега веќе градското јавно претпријатие за управување со комунален отпад.