Колач со карамел и чоколадо

Состојките како путер, карамел, чоколадо и крупна сол гарантираат дека овој десерт е вистинско уживање дури и за оние со најпрефинет вкус.

За тестото:

225 гр мек путер
125 гр шеќер
340 гр брашно
1 прстофат сол

За карамел:

200 гр мек путер
200 гр шеќер
400 мл кондензирано млеко
3-4 лажици јаворов сируп или растопен мед

За чоколаден слој:

250 гр чоколадо (млечно, темно или бело)

Подготовка:

Загрејте ја рерната на 150 Целзиусови степени, а потоа обложете правоаголен плех (33 цм х 23 цм) со хартија за печење. Прекријте ги и страничните делови. Употребете повеќе листови хартија ако е потребно.

За крцкаво тесто измешајте го мекиот путер, шеќерот и со миксер матете околу 3 минути. Потоа додавајте го просеаното брашно и матете уште 3 минути. На почетокот ќе се формираат ронки од тесто, но продолжете да мешате додека не добиете груба смеса.

Ставете го тестото во плех за печење, а потоа притиснете за да го направите бисквитот дебел околу еден центиметар. Ставете го во рерна и печете околу 35 минути додека тестото не добие златно жолта боја. Извадете, оставете го целосно да се излади на собна температура и ставете го во фрижидер.

За карамелата, ставете го преостанатиот путер, шеќерот и кондензираното млеко заедно со јаворовиот сируп во тенџере и загрејте на среден оган. Оставете да се крчка околу 30 минути со постојано мешање додека течноста не се претвори во густа карамела.

Ставете ја карамелата врз тестото и распоредете ја рамномерно. Ставете го во фрижидер уште еден час за карамелата да се зацврсти.

На крај, растопете го чоколадото на пареа и истурете го врз слојот карамела. Ставете го колачот во фрижидер да се стегне, исечете го на коцки и уживајте.