Кои инфраструктурни проекти се предвидени во Кисела Вода во 2022 година?

Советот на Општина Кисела Вода минатата недела го донесе Буџетот за 2022 година кој изнесува 896 милиони денари.

Значителен дел од Буџетот на оваа скопска општина ќе биде наменет за инфраструктурни проекти. 

-2022, ќе биде година на големи инфраструктурни зафати, кои се реализираат преку Секторот за комунални работи, инфраструктура, сообраќај и заштита на животна средина. Планирано е изградба,реконструкција,санација на локалните патишта, на улици и патишта, изградба на подземна инфраструктура, појаснува градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Како позначајни ги издвои следните проекти: реконструкција на сите улици во Пржино и 11 Октомври бараки, изградба на пешачки патеки, скали и паркови, изградба на паркинг простори, конкретно беше посочена изградбата на катна гаража во Расадник, изградба на мост на улицата Киро Фетак населбата Драчево, изградба насекундарна водоводна мрежа во нас Каменик, секундарна водоводна мрежа во Порупа, водовод на Марко Орешковиќ во населбата Кисела Вода.

Средства се предвидени и за изградба на системи за одведување и третман на отпадните води. Имено, фекална канализација ќе се гради во Пинтија на Ул. Саса 2 и споредните краци, во Расадник во соработка со Град Скопје, во Градинар (трета фаза), атмосферска канализација во с. Драчево на дел од ул Јустинијан 1 до каналот на Мала Рада, ќе се изработи и Проект за фекална канализација во Каменик.