Кога велите дека сте добро, а не сте...

Дури и кога не сум добро, ја обвинувам својата слабост зошто го дозволувам тоа. Си велам себеси дека сум добро и дека мора да бидам добро. Велам дека ќе се поправам, дека нема да дозволам ваквата слабост да ме победува и да го уништува моето расположение. Не сакам на другите луѓе да им правам проблеми и да ги оптеретувам со моите „глупости“. Мислам дека на другите воопшто не им е  до мене.

Се лутам без причина. Како да ме удира силен бран на тага и ме турка, ме потопува. Ме влече надолу, но не барам помош иако имам потреба. Чувствувам дека се самосожалувам без потреба, дека си создавам проблеми во мојата глава, но немам како. Не можам да се кренам.

Мразам да се чувствувам како да се жалам бидејќи сите велат дека имам добар живот и затоа молчам, не велам ништо. Си велам себеси дека морам да ја победам оваа слабост. Се обвинувам себеси поради лошите избори и одлуки. Си велам дека морам да работам на тоа да бидам подобра личност. Се охрабрувам себеси дека повеќе ќе се трудам во иднина.

Не сакам да им бидам товар на другите луѓе, за кои знам дека и онака не им е грижа за мене. Знам дека поради добар гест и пристојност  ме прашуваат како сум, но нив ова не ги интересира. Затоа и не излегувам премногу. Сите работи ги чувам во себе, така ми е најлесно. Пуштам да се соберат работите, да се таложат и иако мислам дека можеби еден ден ќе експлодирам, се преправам дека сè е во ред.

Не сакам да ја уништивам туѓата среќа. Не сакам да земам радост од другите луѓе додека се занимавам со мојата тага. Затоа, само се смеам и седам. Повторувам дека сè е во ред. Тоа сите сакаат да го слушнат. Сите сакаат да мислат дека светот нема маани и дека луѓето немаат проблеми.

Јас сакам да го отворам своето срце, да кажам што не е во ред. Но, не сакам да ги оптеретувам.

Да, сè е во ред. Добро сум.