Ќе се зголеми ли породилното отсуство во Македонија?

10 .000 потписи за платениот одмор поради бременост наместо сегашните 9 да биде продолжен на 18 месеци. Со собирање на потписи од 20 септември до 7 октомври во сите градови во државата, активистките од граѓанската иницијатива 450 породилно очекуваат дека ќе ја остварат целта – измени во Законот за работни односи.

-18 месеци е најиделно за детето, тогаш тоа е доволно психички созреано и може да се оддели од мајката. Очекуваме поддршка, па ќе видиме, вели Ивана Трајковска активистка во 450 породилно.

Ивана е мајка на две деца и е невработена. Кога поголемата ќерка не успеала да ја запише во градинка дала отказ од работното место. Вели дека сама ги чува децата и како родител не може ни да замисли да го остави бебето на 8 или деветмесечна возраст за да продолжи со кариерата. Затоа целосно се ангажирала нивната иницијатива да биде успешна.

-Сама ги чувам и мислам дека не е убаво многу мали да се оставаат, а ние жените имаме проблем и со патолошката бременост па на оние кои се на патолошка им кратат минимум по два месеци и уште кога бебето е седумесечно, мора да се вратат на работа, вели Ивана.

Со продолжувањ е на породилното отсуство, од граѓанската иницијатива велат дека мајките подолго време ќе можат да вложат во воспитувањето и следењето на развојот на новороденчињата. Нивната прва инцијатива во Собранието од пред неколку месеци беше одбиена од пратениците поради неуредност. Сега очекуваат на наидат на разбирање на државните институции.

ПОРОДИЛНО ОТСУСТВО ЗА ТАТКОВЦИТЕ

Минатата година според податоците од Фондот за здравство 54 татковци користеле породилно боледување. Најмногу вакви случаи во 2016-та имало во Скопје. Вкупно 17 мажи, 9 месеци се грижеле за децата додека сопругите работеле. 8 вакви породилни отсуства се регистрирани во Битола, 4 во Струмица, по 3 во Велес, Кочани, Куманово, Охрид и Тетово. Статистиката на ФЗОМ покажува дека од година в година се зголемува бројот на мажи кои го искористиле оваа законско право. Како што видовме лани 54 татковци останале дома за да го чуваат бебето, во 2015 тоа го сториле 29 лица, во 2014 -14, во 2013-16, а во 2012-19. Според досегашните искуства мажи останувале на породилно поради несреќен случај или финансиски потреби.

ПОРОДИЛНОТО ОТУСТВО ВО ЕВРОПСКИТЕ ЗЕМЈИ

Во Србија идните мајки имаат 12 месеци право на породилно отсуство, а во случај на трето и четврто дете се добива и до 24 месеци отсуство. Кога се работи за нега на децата и татковците имаат право на отсуство и тоа за едно или две деца 9 месеци а за 3 или 4 до 21 месец. Доколку жената има проблеми во текот на бременоста, таа смее да замине на отсуство пред терминот и за тоа да добива 100% плата во висина од 5 просечни плати во Србија.

Во Германија мајките добиваат до 3 години породилно отсуство и тоа 6 недели пред терминот, 8 по породувањето и 12 ако се работи за близнаци. По овој период, мајките може да земат породилно отсуство до 3 години, но платена е само првата година и тоа 60% од последната плата. Мајките најчесто се враќаат на работа по 2 години. Доколку мајката земе 12 месеци отсуство, мажот може да добие 2 месеци платено отсуство, или пак тој да земе 12 месеци, а мајката само 2.

Во Франција идните мајки добиваат 16 недели, односно 6 недели пред и 10 недели по породувањето. Ако мајките имаат веќе две деца, добиваат 26 недели отсуство, а ако жената е бремена со близнаци добива 34 недели породилно отсуство, кое во цел износ на платата го плаќа државата, а за невработените 50% од последните три исплати.

КОИ СЕ ПРАВАТА НА БРЕМЕНИТЕ ЖЕНИ ВО МАКЕДОНИЈА?

За да го остварат своето право предвидено според Законот за работни односи, идните мајки неопходно е да се информираат за тоа што се може да добијат со породилното отсуство, како и да се заштитат себеси од работодавците кои може да ја искористат нивната состојба за да го прекинат работниот однос.

Според Законот за работни односи во Македонија, идната мајка има право на 9 месечно породилно платено отсуство, а доколку роди повеќе деца, има право на 15 месеци. Доколку се работи за посвојување на дете, жената има право да добие отсуство додека бебето не наполни 9 месеци, а ако се работи за повеќе деца, до 15 месеци.  Породилното отсуство започнува 45 дена пред терминот или пак задолжително 28 дена пред породувањето.

Исто така, по породувањето, мајката има право на платена пауза во рок од час и половина за да го надои детето и ова може да го искористи додека детето не наполни 1 година. Во случај на раѓање на мртво бебе или пак губење на детето пред терминот на породување, жената има право на закрепнување, кое ќе го одреди докторот и тоа најмалку 45 дена.

Според одредбите од Законот за работни односи работодавачот не смее да го прекине договорот за работа на жената во период на бременост, раѓање и родителство и во таков случај отказот е ништовен, особено доколку на денот на врачување на отказот, работодавецот бил запознаен со околностите за бременост. Исто така во текот на бременоста, жената не смее да врши прекувремена работа или да работи ноќе.