Ќе плаќаме ли поскапа струја од август, ќе се знае на крајот од следниот месец. Енергетските компании ги доставуваат пресметките за трошоците што ги имале во изминатите дванаесет месеци. Според сознанијата дел од нив покажале зголемени трошоци, што само по себе значи и дека бараат зголемување на цената на струјата.

Од ЕВН потврдуваат дека тие до Регулаторната комисија за енергетика веќе доставиле пресметки, со оглед дека законскиот рок за тоа беше до денеска. Но, не коментираат какви трошоци прикажале и колкаво зголемување на цената на струјата бараат.

И од државната енергетска компанија ЕЛЕМ, посочуваат дека во законски предвидениот рок ги доставиле до Регулаторната комисија за енергетика трошоците од нивното работењето за да се утврди на максимален приход за регулираниот период за 1 јули годинава заклучно со 30 јуни следната година.

„Согласно пресметките во апликацијата не се бара зголемување на производната цена на електричната енергија , односно  прикажаните трошоци  на компанијата нема да влијаат врз цената на електричната енергија за крајните потрошувачи на регулираниот пазар за електрична енергија“, велат од ЕЛЕМ за Фактор.

Од државната компанија МЕПСО, пак велат дека нивниот краен рок за доставување на пресметките за преносната цена на струјата е до крајот на месецот, кој ќе биде испочитуван, но засега нема информација со какви пресметки ќе настапат кај Регулаторната комисија за енергетика.

Сега, граѓаните плаќаат 5,56 денари за киловат час потрошена струја во скапа тарифа и 2,78 денари за потрошен киловат час електрична енергија во евтината тарифа. Минатата година цената на струјата се намали за незначиелни 0,25 отсто.