Кензо Танге починал со Скопје во мислите

Иако помина речиси половина век откога светски познатиот архитект Кензо Танге го изработи урбанистичкиот проект за нашиот град, пред да почине во 2005 година Танге се сетил токму на Скопје и побарал да му направат литографија од проектот. Од стотици изработени проекти низ целиот свет, Танге одбрал само осум за од нив да направи литографии, меѓу кои бил и урбанистичкиот план за Скопје. Ова ексклузивно за „Нова Македонија“ ни го раскажа неговиот син Пол Норитака Танге, исто така познат архитект.

Тој пред неколку години беше во Скопје, на одбележувањето на 50-годишнината од катастрофалниот земјотрес и 100-годишнината од раѓањето на Кензо Танге, но дури по враќањето во својата земја ја отвори душата и раскажа за плановите на татко му.

Норитака Танге вели дека проектот за Скопје бил особено важен за неговиот татко. Според него, ова емотивно чувство немало да го има ако задачата била да се изработи главен план за неразвиено градско подрачје што не претрпело никаква катастрофа.

- Пред да почине татко ми, заедно работевме на серија литографии и нацрти за неговите проекти. Од стотици проекти, татко ми направи селекција на осум, а меѓу нив беше и проектот за Скопје. Проектот за Скопје имаше огромно значење за него, затоа што за него ова не беше само обичен проект, туку имаше и големо емотивно значење. Планот за Скопје беше голем план, главен план за реконструкција на град разурнат од елементарна непогода. Постоеше чувство на итност и одговорност да се намали тешкотијата што ги опфати луѓето што живеат тука - раскажува Танге.

Првиот ангажман што светски познатиот архитект Кензо Танге го добил надвор од родната Јапонија бил токму урбанистичкиот план за централното градско подрачје на нашата метропола, со кој и се прославил. Тој со својот проект ги удри темелите на модерно Скопје. Иако од времето кога беа удрени темелите на модерно Скопје поминаа речиси педесетина години, се сменија и неколку градоначалници, ниту еден од нив досега не се јавил, или пак му пишал на Кензо Танге или на неговата компанија, за да се посоветува за развојот на градот. Неговиот син Танге вели дека тој не е запознаен со проектот што татко му го правел за Скопје.

- Речиси 50 години поминаа откако татко ми работеше на урбанистичкиот план и не можам да се преправам дека сум запознаен со развојот на настаните оттогаш.

Од раните 1990-ти сум на раководно место во компанијата на татко ми и за овој период, колку што се сеќавам, никој од властите во Скопје не се обратил за совет од татко ми - вели Танге.