Карпошани добија подрачна канцеларија за вадење документи

Подрачна канцеларија на Управата за водење на матични книги која ќе функционира на територијата на општина Карпош, беше отворена денеска од страна на градоначалникот Стефан Богоев и директорот на Управата, Ѓоко Котески.

Канцеларијата се наоѓа на аголот меѓу улицата „Бранислав Нушиќ“ и улицата „Никола Тесла“, а отсега натаму жителите на Карпош оттаму ќе можат да ги вадат потребните документи, како извод од матична книга на родените, извод за матична книга на умрените, како и венчален извод.

Како што истакна градоначалникот Богоев, со ова се олеснува целата процедура на вадење на соодветните документи и се растоварува метежот пред шалтерите во седиштето на Управата за водење на матичните книги.

Директорот на Управата за водење на матични книги, Ѓоко Котески, нагласи дека по Аеродром, Карпош е втора општина во која се отвора подрачна канцеларија и дека целиот овој проект е дел од владината програма „3-6-9“, со која се предвидува институциите на системот да бидат подостапни до граѓаните.