Како сексуалната апстиненција влијае на женската психа

Некогаш се верувало дека жените кои немаат активен сексуален живот заболуваат од хистерија. Оваа теорија подоцна е отфрлена, но сепак многу се зборува за тоа колку редовниот сексуален живот придонесува за доброто физичко и психичко здравје на жените. 

Називот хистерија доаѓа од грчкиот збор hystera, кој значи родница. Хистеријата се смета за вид на невроза кај која се јавуваат низа на телесни, сензорни, моторички и ментални пореметувања, како напади на смеење и плачење, претерана раздразливост, вознемиреност, тахикардија, мачнина, болки во различни делови од телото. Називот хистерија се јавил така што во античка Грција пореметувањата од хистерична природна најпрво биле забележани кај младите вдовици. На тој начин наведените пореметувања почнале да се поврзуваат со незадоволениот сексуален нагон. Поради тоа долго време се сметало дека од хистерија заболуваат само жените, иако денес знаеме дека ова пореметување може да се јави и кај двата пола.

Поимот „женска хистерија“ бил користен од страна на Американското здружение на психијатри се до педесетите години на минатиот век, додека „хистеричната невроза“ останала во Дијагностичкиот и статистички прирачник за ментални пореметувања се до 1980 година. За лечење на хистеријата голем број од докторите користеле масажа на карлицата и гениталиите. Целта била заболената пациентка да се доведе до „хистеричен пароксизам“ или оргазам кој предизвикувал забрзано дишење, црвенило на кожата, влажнење на вагината и контракции на абдоменот. Оваа пракса се користела во Викторијанското време, а во почетокот на 19тиот век се раширила и на дел од Европа и САД.

Освен со масажа хистерија се лечела и со вибратор, кој се појавил кон крајот на 19тиот век. Американската авторка Рејчел Меинер во својата книга „Технологија на огразмот“ го опишува како електромеханички медицински инструмент кој им помага на хистеричните жени. Воедно тврди дека овој метод е поделотворен од масажата. Во филмот “Hysteria”, на режисерката Тани Векслер од 2011 година на шармантен начин се прикажува како настанал првиот вибратор.

Само присилната апстиненција е штетна по здравјето

Современото гледиште на овој проблем вели дека кај хистеријата можат да се разликуваат хистеричките карактери, хистеричните напади и одземеноста. Хистеричниот карактер е подлога на која во одредени услови можат да се јават хистерички кризи. Во основа на хистеричниот карактер стои психичката незрелост, особено во делот на емоциите и нагодите, и ја опфаќа и машката и женската популација.

Но, дали жените кои апстинираат почесто заболуваат од некои од овие болести и пореметувања од оние кои имаат редовен сексуален живот? Имено, ако под апстиненција се подразбира недостаток на нешто, самата нередовноста во сексуалниот живот би значела и недостаток на ред. Меѓутоа знаеме ли точно што е ред и кој го одредува тој ред? И апстиненцијата и нередовниот сексуален живот можат да бидат свесни или несвесни, присилни или доброволни и токму од тоа и зависи здравјето на телото, психата и душата на жената.

Што би значело дека иако апстиненцијата е недостаток на нешто, ако за неа свесно и доброволно сте се одлучиле тогаш таа не може да штети по вашето здравје. Меѓутоа, нередовниот сексуален живот и апстиненцијата која жената не ја одбрала сама туку и е наметната поради различни општествени и морални начела е штетна. Таквата апстиненција му штети на психичкото и душевното здравје, а потоа страда и телото. Но, во модерното доба не постојат статистички податоци кои укажуваат дека апстиненцијата може да се поврзе со развој на психички пореметувања.

Сепак во отсуство на партнер на жените со нормален сексуален апетит и нагон експертите им препорачуваат самозадоволување.