Прославувајќи го илјадитиот број, некогашната ревија „Екран“ првпат организирала јавен пречек на Новата 1990 година на скопскиот плоштад, со 30.000 посетители на 6 степени под нулата.

Новата 1990 година била повод редакцијата на некогашната ревија „Екран“ да го организира првиот пречек на централниот плоштад.„Екран“ го славел илјадитиот број и сакал тој јубилеј да го сподели со читателите.

Како што се присетува Тимчо Апостолов, долгогодишен главен уредник на „Екран“, веднаш се соочиле со проблеми. Апостолов и неговите соработници отишле во тогашното градско Собрание со идеја за прослава на Новата година на плоштадот, како што тоа го прават парижаните, лондонците, берлинците…

Тогашниот претседател на Собранието (градоначалниците ги добивме по 1996 г.) им рекле дека идејата им е за пофалба, дека е убава, ама тие биле на мислење дека народот има поинаков менталитет, дека повеќе сака да слави Нова година во домашна атмосфера, дека не сака да се собира на плоштади. А ако „екрановци“ толку запнале, нека организираат, нема проблем, градот ќе им овозможел приклучок на струја, бина, контејнер за организаторите и за изведувачите, сето тоа преку Културно-просветната заедница на градот, како што гласел називот на денешната Дирекција за култура и уметност.

Сите забавни и народни пејачи што значеле нешто во тој момент на естрадата биле гости на прославата на Новата 1990 година, освен оние малкуминашто имале тезги во Австралија или во Америка. И сите настапиле без хонорар.

– Пејачите во Скопје настапуваа на пречеците во неколкуте хотели или поголеми ресторани. Ние ги земавме со автомобили, ќе настапеа на плоштадот, па ги враќавме назад. За жал, тогашната Радио-телевизија Скопје не сакала да врши пренос на пречекот – вели Апостолов.

Како увертира, по плоштадот продефилирале џокеите на коњи од коњичкиот клуб „Илинден“, а членовите на Извидничкиот сојуз на Македонија направиле логорски оган на кој се печеле костени.На полноќ се случил и најавуваниот огномет. Ако за денешните генерации огнометите се речиси секојдневна појава поради разни поводи, новогодишниот огномет што го организирал „Екран“ бил прв во постземјотресно Скопје!

Виолета Хаџи-Скерлева, новинарка на „Екран“, се сеќава на студеното време, дружбата со естрадната елита и на малата анегдота дека Влатко Стефановски, тогаш сè уште фронтмен на „Леб и сол“, „свечено“ ветил дека ќе направат огномет и дека ќе свири на минус 6 степени само по кошула!

Огнометот го осветлил Скопје, членовите на „Леб и сол“ на гостите им посакале „Среќна Нова година“ со „Чукни во дрво“, продолжиле во ритамот на „Скопјеееее“…