Како е да се биде жена-шофер во ЈСП?

Десетина жени-возачи вработени во јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) тврдат дека конечно успеале да ги срушат табуата поврзани со оваа „машка“ професија.

Додека едни не го прифаќаат ова со воодушевување, други им се поклонуваат на возачките вештини. Во земјaва пред триесетина години постоеше само една жена-возач на автобус и претставуваше своевидна градска атракција за фаќање сеир. Но во моментов работите одат во нагорна чинија за возачите од понежниот пол, пишува Нова Македонија.

- Одамна требаше да се случи вакво нешто. Конечно и жените покажаа дека можат да се справат со оваа професија. 

Симнувам капа до под за овие храбри дами - вели Димитар Х., жител на Скопје.

За скопјанки, пак, жените-возачи биле повнимателна во сообраќајот и безбедноста на патниците била поголема кога зад воланот седи жена.

 - Возењето автобус од страна на жена е одлично и треба да ги има повеќе. Ние како жени всушност и повеќе внимаваме, па со тоа и безбедноста е поголема, како во сообраќајот така и за патниците - вели Лилјана Илиоска од населбата Хром. 

Освен во ЈСП, жени возачи има и во такси-превозот.Една од првите жени-таксистки е и Валентина Донева. Таа веќе шест години го печали лебот по скопските улици и вели дека ужива во својата работа. Како што вели таа, луѓето се пријатно изненадени од изборот на нејзината професија, која не е вообичаена за жените.

- Веќе шест години ја вршам оваа професија и луѓето се воодушевени кога гледаат дека возам такси. Имам и такви патници што постојано се возат со мене. Имав случај кога странци-туристи во Скопје ме бараа само мене. Јас уживам во мојата работа, иако знае да биде многу стресна - вели Валентина. 

На прашањето како се снаоѓа во целиот скопски метеж, таа изјави дека постојат одредени типови луѓе што знаат вербално да ја нападнат, кои најверојатно не би се осмелиле да му го направат тоа на маж. 

- Во целиот метеж знае да избувне некоја нервоза и тогаш на сцена стапуваат „алфа-мажјаците“, кои ми се обраќаат со зборови што никогаш не би му ги кажале на маж. Јас го игнорирам сето тоа и се обидувам професионално да си ја завршам мојата работа - дополни Валентина.