Каде во Скопје се плаќа највисока цена на закупнина на стан?

Закупнините на становите поскапеле во Kарпош, а цените во Аеродром и Центар се стабилни. Во општина Kарпош за закуп на квадратен метар станбен простор месечно во третиот квартал минатата година се плаќало по 320 денари, односно 93 денари повеќе во однос на третиот квартал во 2015 кога цената била 227 денари, покажуваат последните податоци од Регистарот на цени и закупнини на Агенцијата за катастар на недвижностите.

Стабилна цена на закупнината е регистрирана во општина Центар каде што во третиот квартал во 2015 година цената била 294 денари, а лани во третиот квартал била 254 денари.

Kатастарот регистрира стабилни закупнини и во општина Аеродром. Споредбената анализа на третиот квартал од 2015 година со третиот квартал од 2016 година покажува дека цената е речиси идентична и се движи околу 175 денари за квадратен метар станбен простор. Во општина Kуманово има благ пад на цената на закупнината на становите од 20 денари за квадратен метар. Таму во третиот квартал во 2015 година просечната цена изнесувала 134 денари, а во третиот квартал од минатата година 112 денари.

Во Регистарот на цени и закупнини во третиот квартал минатата година се евидентирани 1.859 трансакции во вредност од 31.254.624 денари. Од вториот квартал 2015 заклучно со третиот квартал лани имало вкупно 11.774 закупи во вредност од 208.573.202 денари.