Јаневски: Десет проценти од буџетот на градот оди за ЈСП а вие немате пари да исплатите плати

Советникот во Советот на Град Скопје од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Филип Јаневски на денешната вондредна седница вели дека до сега за ЈСП се изгласало помош од 12 милиони евра и прашува како се успеало да се доведе ова јавно претпријатије до дереџе да нема пари за плати.

- “Што се однесува за грижата за вработените во ЈСП, да ве потсетам ние на 14 ноември имавме деветта вонредна седница на која што изгласавме дополнителни 2 милиони евра за субвенции за ЈСП, на што директорот ни кажа дека тие ќе бидат за декемвриските плати. Првично дадовме 10 милиони евра, па дадов 2 милиони евра и ни беше ветувано дека со тие пари целосно ќе се покрие годината и ќе се заврши. А сега ни кажувате дека декемвриската плата не ја земале. И сега се поставува прашањето како успеавте да го доведете претпријатието до ова дереџе“, праша Јаневски.

Јаневски нагласи дека во време на Коце Трајановски субвенциите за ЈСП биле 150 милиони денари, додека сега со Данела Арсовска субвенциите се 750 милиони евра, или 600 милиони денари повеќе.

-“Кога Коце Трајановски бил градоначалник 150 милиони денари биле субвенциите, а сега се 750 милиони денари повеќе. Тоа се 600 милиони денари односно 10 милиони евра повеќе. Па ние во 2022 година изгласавме субвенции од 525 милиони денари, а ЈСП ја заврши годината со загуба од 384 милиони. Па тоа е дупка од над 900 милиони денари“, дециден е Јаневски.

Јаневски додава дека овој совет цело време упорно дава пари за ЈСП додека од другата страна упорно не се даваат одговори каде се трошат парите.

- “Значи ние упорно и упорно истураме пари во ова претпријатие, а упорно и упорно не ни се даваат одговори каде се трошат парите. Минатата година беа дадени рекордни 740 милиони денари, 12,5 милиони евра на ова претпријатие, а сега допрва ќе видиме со колкава загуба ќе ја заврши 2023 година кога ќе стигнат извештаите. Знаете ли кој е концептот на субвенции. Помош при потешкотии во работењето. Ние гласаме потешкотии на работењето за 2024 година, а годината уште не е започната. Знаете што значи ова? ЈСП не може ниту плати да ги исплати на своите вработени без од градот да има над 10 милиони евра секоја година дадено, тоа е 10 проценти од буџетот на градот. Тоа се помалку пари за булевари, водовод, улици“, кажа Јаневски.

Јаневски порача дека нема да ја поддржат точката за дополнително давање на помош на ЈСП, додавајќи дека вработените во ЈСП треба да се обратат до нивниот директор бидејќи тој не им обезбедил плата.