Извадете медицински извештај, доколку детето ви е жртва на врсничко насилство - Интервју со адвокат Наташа Стаменова

Сѐ поголем број на пријави до полицијата за врсничко насилство. Родителите на малолетници се загрижени за безбедноста, но и за психичкото здравје на своите деца кои, по сплет на околности, се жртви на психичко, физичко, но и сајбер насилство од страна на своите врсници.

Каде да се обратат, кои правни лекови им се на располагање на оштетените родители, но и дали системот има начин да се справи со овој проблем кој зема сѐ поголем обем во општеството разговараме со адвокат Наташа Стаменова.

Во последниов период зачестуваат пријавите до надлежните за физички напади врз малолетниците токму од нивните врсници. Кои правни лекови им се на располагање на родителите на жртвите во вакви случаи? Каде да се обратат, што да превземат?

Родителите треба да пријават во полиција доколку нивното дете е физички нападнато, треба да пријават во училиштето каде што учи врсникот кој го нападнал малолетникот. Исто така, родителите треба да извадат и медициски извештаи каде што е опишана повредата на нивното дете. По пријавување на случајот во полиција, истиот се процесира до ОЈО од каде почнува да тече постапката.

Случајот со видео-снимката каде малолетно девојче во центарот на Скопје беше претепано стигна до Обвинителство. Каква е постапката од правен аспект понатаму, со оглед дека станува збор за малолетни лица?

Согласно Законот за правда за децата, бидејќи станува збор за малолетни лица сторители на кривично дело, мора да се имаат предвид нивните права и слободи загарантирани со Уставот на Република Македонија, со Конвенцијата за правата на детето и со другите меѓународни договори за положбата на децата, ратификувани согласно со Уставот на Република Македонија, па така при казнување на сторителите на дејствија кои со закон се предвидени како кривични дела и прекршоци треба особено да се внимава за нивна социјализација, воспитување и превоспитување, помош и грижа за децата и заштита во постапката пред судот и другите органи на нивните слободи и права како и внимавање на поврат или повторување на делото.

За одредена возраст кај децата следуваат одредени казни. На пример, за дејствие на дете над 14 години кое со закон е предвидено како кривично дело или прекршок, надлежните органи и институции по правило не поведуваат судска постапка за да се избегне штетното влијание врз детето. Судската постапка се поведува само во случаите предвидени како кривично дело со овој закон, ако детето над 14 години сторило дејствие кое е предвидено како кривично дело за кое се изрекува казна затвор од три години или потешка казна, или во случај кога целта на мерките или на санкциите утврдени со Законот за правда на децата не може да се постигне без таква постапка.

Идентитетот на малолетните лица кои се сторители на кривични дела треба да биде заштитен. Со какви последици може да се соочат оние кои го откриваат индентитетот на овие лица, со оглед дека на социјалните мрежи се дебатира на овие теми?

Идентитетот е особено заштитен во случаите со малолетници и тие и нивното семејство треба да се заштитени од страна на судот. Судот и полициските службеници особено внимателно постапуваат со малолетниците кои или извршиле кривично дело, или пак се жртва на кривично дело. Доколку не се почитува оваа законска одредба оние кои го откриваат идентитетот на малолетниците може да се соочат со казни.

Има ли земјава системски решенија за врсничкото насилство?

Согласно Законот за правда на децата постои државен совет кој што донесува Национална стратегија за превенција на детското престапништво, годишни програми и планови, предлага средства во буџет, дава иницијативи за подобрување на законските решенија и мислења за предлози на закони од значење за заштитата на правата на децата и спречувањето на детското престапништво,покренува иницијативи за пошироко запознавање на граѓаните со правата на децата и расправи за здраво семејство, за заштита на децата од наркоманија, алкохолизам и други болести на зависност, за проблемите на образованието и воспитувањето, за односот на средствата за јавно информирање и за другите фактори што влијаат врз спречувањето на детското престапништво.

Во однос на сајбер насилството, каква правна заштита имаат на располагање оштетените?

Сајбер насилството може да се пријави во полиција и во ОЈО. Односно, доколку некој преку социјалните мрежи врши насилство, повикува на омраза спрема малолетно лице, малолетниот преку законскиот застапник може да пријави во обвинителство или во полиција кој го напаѓа, а доколку станува збор за скриен профил, тогаш исто така можат да се обратат и до Агенцијата за заштита на лични податоци за откривање на таквиот профил.