Измамите стануваат сè почести: Како да се заштитите при онлајн купување?

Воведувањето на вонредната состојба поради ковид-19, ограничувањето на движењто и затворањето на дел од продавниците беа само поттик за развој на онлајн продажбата во Македонија. Потрошувачите се ориентираа кон купување преку интернет со цел да заштедат време и пари, но има и голем број негативни искуства со овој начин на пазарење.

Според податоците објавени на почетокот на 2023 година за безготовински платежни трансакции на виртуелните места на продажба на Народната банка на Република Северна Македонија во првите девет месеци од 2022 година вкупната вредност на онлајн трансакциите реализирани во земјата и во странство со домашни и странски картички, изнесува 25.3 милијарди денари. Но, овие трансакции се реализирани кон фирми кои се регистрирани и правата на купувачите се заштитени, па доколку има проблем, купувачот има право да го замени или врати производот.

Постојат голем број онлајн продавници, кои воопшто не се регистрирани како правни субјекти, а своите производи најчесто ги рекламираат преку социјалните мрежи, по што истите ги доставуваат со брза пошта, а исто така бараат да им се плати во готово, иако купувачот нема можност да се увери дека му е доставен вистински производ.

На интернет може да се пронајдат голем број продавници за облека, мебел, но и други производи, но и голем број несовесни продавачи кои испраќаат производи што се различни од тоа што го рекламираат, а потоа „исчезнуваат“ затоа што граѓаните не можат да ги контактираат. Секојдневно има поплаки за онлајн измами, а тоа го потврдуваат и коментарите во Фејсбук групата „Ѕид на Измами и Прашања за Иксуства од Онлајн Продавници“.

Купувачите најчесто се жалат дека не го добиле тоа што го порачале, односно добиваат идентичен модел на тој што се рекламира, а често добиваат и расипани и нефункционални производи, по што се обидуваат да го заменат производот, но наместо да бидат услужени, најчесто се блокирани од страна на несовесните продавачи кои ги има во сè поголем број.

„Скопје Инфо“ контактираше неколку измамени граѓани, кои велат дека биле измамени, но велат дека правдата и парите ќе си ги бараат до крај. Дел од нив ни одговорија дека биле блокирани на социјалните мрежи од несовесните продавачи, но добиле контакт до продавачот од страна на карго службите, кои го имаат телефонскиот број на испраќачот, по што случаите биле пријавени во Министерството за внатрешни работи (МВР), каде што за измамите на е-продавачите постапува Единицата за економски и компјутерски криминал.

Купувачите најчесто имаат проблеми со е-продавници кои не се регистрирани како фирми, односно на нивниот веб-сајт ги немаат наведено податоците за компанијата, а немаат оставено ниту телефонски контакт за граѓаните, иако според Законот за електронска трговија, онлајн продавниците се должни да ги почитуваат законските прописи, да објават податоци за субјектот или адреса ако се физички лица, лиценци и одобренија и да ги наведат надлежените институции од кои ги стекнале истите.

Организацијата на потрошувачите на Македонија (ОПМ) неодамна информираше дека добила над 420 поплаки во 2021 и 2022 година во делот на онлајн купувањето, а најмногу од нив се за техничките карактеристички на производите, доставување оштетен производ или откажување на нарачката.

Од организацијата до потрошувачите препорачаа да не даваат премногу лични податоци доколку им се сомнителни е-продавниците од кои сакаат да купат, но и секогаш да ги проверуваат своите сметки и извештаи од банка по извршено плаќање.

Македонија сè уште нема конкретен механизам со кој би се спречиле некои лица да создаваат профили на социјалните мрежи и да продаваат производи, скриени зад лажен профил, односно е-продавница, па поради таа причина потрошувачите се тие кои треба да внимаваат при купувањето.

Со цел да се избегнат измами, на купувачите им се препорачува пред секое онлајн купување да ги проверат името, односно фирмата на давателот на услугата, седиште на правното лице, давател на услугата или адреса доколку е физичко лице, податоци за давателот на услугата врз основа на кои примателот на услугата може на директен и ефикасен начин да стапи во контакт со него, вклучително електронската адреса.

Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, исто така, води регистар на е-трговци кој обезбедува информации за компании кои работат според законите и го носат беџот на „верификуван трговец“, а тие исто така треба да им помогнат на купувачите при изборот на местото од каде ќе купат одреден производ.

Доколку и покрај сите совети, купувачот е измамен или незадоволен од услугата или производот, а не е сигурен каде треба да се обрати, тогаш тоа може да го направи на онлајн платформата на Организацијата на потрошувачите на Македонија, на електронската адреса sovetuvanja@opm.org.mk или на телефонскиот број 02/3179592.