Интервју со Венко Андоновски: Мојата генерација се виновни што млади, умни и очајни луѓе си заминуваат секој ден

„Бог не може да стане подобар, зашто е совршен. Ние можеме. Зошто таа космичка шанса не ја користиме? Само таа и може да не извади од живата кал во која тонеме“. 

Со оваа порака нашиот познат писател и професор Венко Андоновски го „заокружи“ интервјуто за нашиот портал Скопје Инфо. 

Реномираниот и наградуван Андоновски го прашавме за тоа како политиката „ги кочи“ уметниците, разговаравме за иселувањето, но и за неговото најново книжевно дело „Папокот на светлината“. 

Посебна „духовна храна“ е разговорот со нашиот Венко, зачинета со верба дека може да биде подобро, дека со умот, трудот и чесноста Македонците може да стасаат до подостојно и на крајот дека љубовта кон поубав, праведен, морално чист свет, свет одуховен и со Бога, треба да е наша! 

Во последната објава на вашиот официјален фејсбук профил имате кратко писание со порака како преку политиката Македонија може да стане подобра земја. Кој е вашиот став – премногу ли е политиката навлезена во секоја општествена пора? До каде ќе дотуркаме кога браќа се поделени по партиска припадност, кога учителките зборуваат за избори, кога културата и уметноста директно зависат од политичките дискурси?

За жал, ние сме сведоци на целосна, највулгарна пенетрација на политичкото во секој капилар на општествената комуникација. Може да се каже дури дека политичкиот означител ги силува сите други означители во општествената семиотика. Тој означител е насилен, самобендисан, а плиток колку лимено чиниче во кој на логораши им се дава каша од брашно и вода, колку да преживеат. Толку им се дава и на уметниците и на просветарите денес од политиката, во овој наш логор од држава. Ако сме дошле до тоа политичари веќе да ни задаваат и теми на кои „би требало да пишуваме“, на пример – бајковидни романи или сценарија за идилична љубов меѓу двајца кои им припаѓаат на различни религиски и идеолошки спротивставени заедници, тогаш е на дело еден нов соц-реализам (овојпат пропишан од некој Сталин од Запад), политички пропишана пожелна уметност, која освен политички идиотизам, нема никакво друго ни сознајно ни естетско својство.

Освен тоа, идеолошката цензура никогаш не била посилна. Јас уште немам одговор зошто едно мое сценарио за Цар Самуил, претставен како БАЛКАНСКИ (а не само македонски цар) беше стопирано пред самото снимање, иако му беа одобрени средства и Антонио Митриќески требаше да ја „удри“ првата клапа. Се разбира, иако барам одговор, не сум целосно глупав, за да не знам зошто е тоа така: додека „неутралната“ бугарско-македонска историска комисија не процени дали Самуил смее да биде и македонски цар, моето дело ќе биде во бункер. Срамно. И една моја драма, „Втората смрт на Кузман Капидан“ чека подобри времиња. Не им е пријатна на властите како критика на европската капиталистичка незаситност и ароганција. Жално е што таа идеолошка цензура ја спроведуваат токму уметници, наши колеги. За ситни дукати и мангарчиња ја направија уметноста слугинка на политиката.

Иселувањето во последниве години – рак рана на Македонија. Како вие лично како уметник ја доживувате „белата чума“? Полесно е да се бара иднина во странство или сепак вреди жртвата да сме свои на своето?

Па и јас имам иселени деца. Правев една статистика: во мојата улица во Влае, секоја втора куќа има печалбари во странство. Се разбира дека луѓето ќе си одат, посебно младите. Да сум помлад, во овие и вакви изместени вредности, прв би си го спакувал куферот. Најужасна, паланечка политичка граматика е онаа во која нема футур, нема идно време, а сегашното време е претставено како „сегашно трајно разубавено време“. А таква е нашата сегашна политичка „граматика“.

Но, јас знам кој е виновен за тоа што млади, умни и очајни луѓе си заминуваат секој ден. Не се овие новоиспилениве, од сегашнава власт. Мојата генерација е виновна. Ние први ги уништивме мерните единици за вредностите. Мојата професорска генерација пишуваше „шестки“ и „двојки“ на деца на угледници, „колку да не бидат без диплома“, да најдат „лепче“ како портири, а тие станаа амбасадори, министри и големци. Ако ни е. И малку ни е, треба уште да бидеме казнети. Самите ги ликвидиравме сопствените способни и чесни деца. Сега, кога за нас доаѓа староста, нека ни подадат чаша вода лакомите и необразованите, оние на кои од сожалување им отворивме пат до врвовите на општеството, а тие не знаат што да прават со општеството освен да си ги полнат џебовите. Како домородци од најпримитивно племе на кои сте им дале џип, ама тие не само што не знаат да возат, туку не знаат ни за што служи тоа нешто! Општеството не за себе (за тоа служи семејството), општеството е за доброто на ближните, другите.

А за оние кои остануваат тука и не заминуваат, немам друга порака освен – немаат избор, ќе мора да се борат до последната капка крв. Вие велите дека тие остануваат „свои на своето“. Не е така. Македонија, без разлика што трескаат и трубат на фанфари овие од власта, е целосно демонтирана, и како држава и како идентитет. Таа е држава-телевизор, што се управува со далечински управувач од запад. Така што, тие што остануваат тука, надевајќи се на подобра иднина, не се свои на своето, туку свои на туѓото, или поточно и полошо – туѓинци на своето.

Ним не им преостанува ништо друго освен жестока македонска револуција на умот, трудот и чесноста. Да ја спроведат и да исчистат сè што е гнило. И да ја истуркаат мојата предавничка генерација и генерациите со лепливи прсти, што се сега на власт. Не мислам само на национално предавство, туку на аксиолошко предавство – предавство на вредностите во една цивилизирана заедница.

Збор-два за „Папокот на светлината“. Зошто треба да се прочита токму во ова време-невреме? Каков ќе биде новиот свет кој треба да се крене врз јагленосаните остатоци од цивилизацијата и ерозијата на моралните вредности?

„Папокот на светлината“ не мора да се прочита. Доволно е што постои, доволно е да се види само неговиот наслов, за оние кои не сакаат да читаат. Не би сакал да говорам за него, во смисла – да го објаснувам. Тоа е роман-пресметка со себеси: говорам отворено за сè , на „ти“ сум со себе и со светот. Тоа е роман кој кажува – доста се лажевме. Светлината, кога-тогаш ќе не раскринка, зашто само светлината ја покажува вистината; во темно се лаже и се крие, а во светло се признава и открива. Тоа е роман кој копнее по еден нов, поубав, праведен, морално чист свет, свет одуховен и со Бога, и тоа копнее со таква љубов по тој свет, со каква и еден романтичар копнее по својата љубена. Сакав да напишам роман со кој и другите ќе се вљубат во тој нов свет, ќе се вљубат како Данте во Беатриче или како Петре М. Андреевски во Дениција, свет кој ќе блесне од златото и свилата на душата – светлината, како раскошен замок на добрината и убавината, свет кој засекогаш ќе го погребе овој јагленосан циркус, гнил од смрдеа на живи лешеви кои владеат сурово, а кловновски глупаво, и засекогаш ќе го остави длабоко под земја, предавајќи ѝ го тој гнил свет на археологијата на глупоста, на целосниот и заслужен заборав.

2024 е пред нас. Која е вашата порака до сите генерции?

Бидете подобри луѓе. Тоа нека ви биде единствена „политичка“ програма, зашто нема добра држава со лоши луѓе. Ваша задача е да бидете луѓе, а не животни. А да се биде човек, значи секој ден да се станува подобар од оној „вие“ - вчерашниот. Бог нам ни дал нешто што дури ни себеси не си го дал: можноста да стануваме подобри. Бог не може да стане подобар, зашто е совршен. Ние можеме. Зошто таа космичка шанса не ја користиме? Само таа и може да не извади од живата кал во која тонеме.