Интервју со Олгица Стрезоска, избрана меѓу најдобрите 30 жени во продуктниот менаџмент

Денешното утринско кафе го пиеме со Олгица Стрезоска, Product Owner во компанијата Damilah, која неодамна се најде во друштво на најдобрите 30 жени во оваа професија.  Со неа разговараме за оваа релативно нова професија на нашиот пазар, нејзината кариера и чувството да се биде меѓу најдобрите.

Ова е релативно понова професија во нашата држава. Што точно значи да се биде Product Owner и што за Олгица значи тоа во пракса?

Да се биде Product Owner е да се биде одговорен за успехот на еден продукт, од идеја до реализација. 

Во пракса улогата на Product Owner-от можам наједноставно да ја објаснам како постојана комуникација и приоритизација на активностите, со цел тимот кој работи на продуктот да може да испорача функционален продукт кој ќе им служи на крајните корисници и ќе ги задоволи нивните потреби.

Што те поттикна да се насочиш во оваа сфера? Што те води напред низ кариерата?

Кога почнав да се насочувам кон Проект менаџмент, за прв пат се запознав со Agile методологијата и целосно се пронајдов во нејзините принципи и вредности. Постојано надградувајќи се во оваа област, детално се запознавав со улогата на Product Owner-от и неговите одговорности и длабоко во себе знаев дека тоа е тоа. Кога започнав да работам како Product Owner, реков “Сакам ова да го работам до крајот на животот” 

Што ме води напред во кариерата? Би рекла предизвиците и постојаната желба да учам но и да креирам нови работи. Јас едноставно не сакам комфорт зона. Во првиот момент кога ќе се почувствувам комфорно ја губам главната мотивација. Сакам да се предизвикувам себеси за да ги тестирам своите граници и да работам на нови процеси, стратегии и производи.

Неодамна присуствуваше на еден значаен настан во Цирих, каде беше дел од најдобрите 30 жени продукт менаџерки. Како се најде во тоа друштво? Што научи и какво беше чувството да се биде и официјално дел од најдобрите во оваа област? 

Уф настанот во Цирих беше едно од моите најдобри животни искуства. Иако потполно неочекувано сепак на крајот ова признание го прифатив како награда за целиот мој труд и посветеност во изминативе неколку години каде навистина се давав безрезервно во сите проекти и со сите мои студенти. Бев номинирана од страна на една од моите студентки и на мое огромно изненадување после евалуација од стручна комисија бев одбрана како дел од 30те најдобри жени во продукт. 

Кога зборуваме за чувства и емоции, можам слободно да кажам дека ми се случи ролер костер од емоции пред но и по самиот настан. Најпрво неверување дека е можно токму јас да бидам дел од овие топ 30 жени, потоа огромна возбуда дека сепак некој согледал дека јас навистина заслужувам да бидам таму. Потоа ми се појави страв и импостер синдромот почна да вреска дека можеби јас не припаѓам во таа група на исклучителни жени кои веќе речиси го достигнале врвот во нивните кариери. На крајот сепак ме обзема искрена и чиста благодарност, за тоа дека моите студенти веруваат во мене и некој од нив решил баш мене да ме номинира, благодарност за самата селекција и на крај за неверојатната можност да бидам дел од тој престижен фестивал. Вистинската награда за мене беше што всушност запознав прекрасни луѓе од мојата омилена област (Продукт менаџмент) и добив богатство од информации од одличните спикери кои учествуваа на конференцијата. 

Дали е лесно да си жена во оваа индустрија? Кои се добрите страни и предизвиците?

Ова прашање некако често го добивам во последно време и баш размислував на оваа тема. Но, јас навистина не гледам никаков предизвик да се биде жена во оваа индустрија. Сметам дека кога човекот ги поседува вистинските квалитети и вештини, истото е препознаено и не менува дали тој е маж или жена и истото можам да го потврдам од сопственото искуство.

Што учиш од другите колеги и колешки и што можат тие да научат од тебе? 

Бидејќи по природа сум доста динамична личност би рекла дека од другите најчесто учам како да останам трпелива и смирена, посебно кога работите не одат по посакуваниот тек. 

Другите од мене веројатно учат дека со добра комуникација секогаш се наоѓа решение за се и дека со упорност и труд порано или подоцна резултатите секогаш доаѓаат. 

Како ти е исполнето слободното време надвор од работа? Имаш ли одредена места во Скопје кои те радуваат или одмараат? 

Слободното време најчесто го поминувам со моето семејство, посебно со моите две дечиња (7 и 2 години) кои се центарот на мојот свет и мојата секојдневна мотивација да бидам подобра во се што правам. 

Преку неделата најчесто сме преокупирани со обврски и активности. Ако украдам малку време за себе, успевам да отидам на вежбање, на некоја добра претстава или да се видам со пријателите. Но викендите се секогаш резервирани за одење на планина со семејството, па така често одиме на Водно, Матка, Скопска Црна Гора и таму ги полнам батериите за неделата која претстои. 

Кој е твојот совет до младите кои имаат одредени цели, но некогаш не веруваат доволно во себе?

Ако вие не верувате во себе, никој друг нема да верува во вас. Ако вие не направите чекор напред, никој нема да дојде и да ве поведе за рака напред. Затоа цврсто верувајте во себе и во своите способности и поставете си високи цели, за каде сакате да бидете за неколку години од сега. Штом ќе решите каде сакате да бидете, инвестирајте во надградување на своето знаење бидејќи само со знаење ќе можете да напредувате и да бидете успешни во животот.