Интервју со Наде Молеровиќ: Навистина е херојски да успеете во вакви услови да се одржите физички и ментално здрави

Наде Молеровиќ е годинешна добитничка на признанието „Жена на годината 2023“ во категорија трајни вредности. Сосема заслужено и оправдано е признанието за оваа инспиративна жена која на многумина им е светла точка во ова, често пати, мрачно општество, 

На крајот на годинава, да ги оставиме зад себе сите порази и неуспеси и со многу повеќе љубов, достоинство, почит, толеранција, емпатија и разбирање да зачекориме во новите 365 дена. А како тоа да ни тргне лесно и од рака, најдобро ќе разбереме од разговорот со Наде кој го подготвивме за Вас! 

Што за Вас претставува оваа награда?

- Кога добив маил од г-динот Борис бев вистински изненадена. Воопшто не бев во тек дека сум била предложена за ова навистина исклучително примамлива и почесна номинација. Од кого сум била предложена ми беше дополнителна радост и едно чувство на гордост ме обзема. Особено поради сознанието дека имало 799 дами кои биле исто така предложени за избор од неколкуте други категории. Изненадена, возбудена и среќна сум поради признанието. Да добиеш признание од јавноста за тоа што си, за тоа за што се залагаш и во што веруваш во нашата Македонија без политичко или било какво влијание од никого е признание кое мотивира да продолжам да придонесувам за нашата заедница и да ги поддржувам вредностите што ми ја донесоа оваа награда.

Овие вредности ги промовираат позитивните вредности во општеството. Ова признание служи како личен и колективен триумф, засилувајќи ја мојата посветеност да ги отелотворувам и промовирам трајните вредности кои се препознаени денес.

Оваа награда ја гледам не само како славје на моите индивидуални напори, туку и како доказ на колективната моќ на одржување на вредностите што одекнуваат во нашето општество. Ме инспирира да истраам во моите напори, знаејќи дека позитивните постапки и цврстите вредности не само што се забележуваат туку и се слават.

Изразувајќи ја мојата благодарност, се потсетувам на одговорноста што ја носи таквата чест. Посветена сум да бидам светилник. За другите, охрабрувајќи го овековечувањето на вредностите кои придонесуваат за подобрување на нашиот свет.

Со оглед дека сме на крајот на календарската година, може ли да направите пресек на оние вредности со кои се гордеете, а ги достигнавте изминатава година и сметате дека ќе останат како трајни?

-  Да се живее според одредени вредности претставува компас за навигација низ сложеноста на животот. Љубовта е срцето во мојот систем на верување, служи како водечка сила, потикнувајќи позитивни меѓучовечки релации и осет за емпатија. Достоинството и почитта се вредности кои ја формираат основата, признавајќи ја вродената вредност на секој поединец на планетава Земја. Толеранцијата е мостот кој опфаќа различни перспективи, препознавајќи ја убавината на нашите различни искуства. Да умееш да ги сослушуваш соговорниците е една од најблагородните вештини кои секој човек треба да ги развива за да се почитуваме и разбереме подобро.

Емпатијата, моќна алатка, ми овозможува да одам во чевлите на другите, поттикнувајќи разбирање, сочувство и грижа.

Автентичноста како вредност ми овозможува лесно да ги надминувам секојдневните предизвици, недоразбирања или непријатни ситуации. Затоа што сум секогаш своја, со хармонија со моите мисли, зборовите и однесувањето. Искреноста ми помага да градам доверба и вистински релции со луѓето во мојот живот. Овие вредности стекнати низ животот благодарение на воспитувањето од моите родители, баби и дедовци преку значително влијание на училиштето и заедницата ме потсетуваат да се движам низ животот со љубов, достоинство, почит, толеранција, емпатија и разбирање.

Патувајќи низ светот среќавав неверојатни луѓе од кои учев и сѐ уште учам дека животот како најголема вредност треба да се живее со полн капацитет. Да се живее според вредности вклучува усогласување на твоите постапки и избори со принципите кои ти се најважни. Годиниве сѐ повеќе сум свесна за минливоста на животот и не сакам да го трошам на неважни, банални и непотребни нешта кои ме дефокусираат од мојата намера секој ден да биде ден за учење нешто ново, корисно и убаво.

Вие сте мотивациски говорник, со големо искуство во насочувањето кон квалитетно воспитание и образование. Каде сме во моментов во овој поглед како општество?

- Како наставник, како директор ме водела визијата дека децата, учениците се нашиот најголем и највреден ресурс. Тие во училиште треба да доаѓаат да стекнуваат знаења кои ќе им бидат важни и корисни. Да учат. Во релаксирачка и мотивирачка атмосфера. Отсекогаш сум мислела и мислам дека за да имаме успешно образование и среќни деца мора да се фокусираме најпрво на воспитанието и личниот развој кај младите.

Наставниот кадар има потреба од секојдневни тренинг обуки, професионални и лични надоградби. Тие треба да бидат личности кои со својот начин на комуникација, респект и верба во откривањето на најдобрите перформанси на децата ќе бидат модел и инспирација на секој млад човек.

За жал, обратно е денес. Училиштата станаа места каде нестручни, недоволно свесни наставници за својата исклучително одговорна улога и влијание произведуваат несреќни деца кои не си веруваат себе си и не умеат да се снајдат во реалниот свет со реални проблеми и искушенија. Затоа и резулататите од меѓународните тестирања покажуваат дека нашите 15 годишни деца најслабо разбираат што читаат, не умеат да решаваат наједноставни проблеми и не умеат да го користат знаењето во реалниот живот. Вината не е во децата, туку во нас возрасните кои не успеавме до сега да си погледнеме во себе и да се прашаме зошто овие постигања на децата се толку слаби?

Зошто ние не се промениме и не учиме од подобрите од нас? Ни требаат наставници кои ќе ги надминат сопствените суети и ќе се обидат да се разбудат дека нивната работа менува детски животи. Да ги почитуваат децата како луѓе на кои очајно им се потребни вредни, корисни информации и инструкции како да учат, како да ги разберат нештата. Да не се плашат од прашањата на децата и да поттикнуваат прашања кои кај децата ќе ја развие вештината на критичко мислење. Треба да има генерално рестартирање на целиот образовен систем. Сосема нова наставна програма базирана на цели кои ќе бидат лесно остварливи, јасни и релевантни на дигитализацијата и можностите од полезно користење на технологијата. Ни требаат наставници кои и самите ќе умеат да се справуваат со негативни и стресни ситуации, кои ќе нудат разбирање и поддршка, кои ќе им бидат не само ментори и личности кои истовремено ќе демонстрираат љубов и љубопитност кон стекнување нови знаења и вештини.

Родителите знаат често да кажат дека самото време е поинакво, стресно, децата како да се раѓаат навикнати на конзумеризам, на технологиите... Има ли воопшто врска времето, овој период во кој живееме?

- Секое време е различно. Зависи од политичките, општествено-економските и технолошките прилики. Кога ние сме биле деца сме имале различен животен стил и детство. Денес, нашите деца живеат во други околности кои ги диктира влијанијата, вредностите, ставовите и перспективата на гледање на светот околу нив. Ние како родители треба да бидеме повеќе присутни во нивното растење. Тоа не значи да им дишиме во вратот, но да знаат дека секогаш можат слободно да рзговараат за се што им предизвикува радост, тага, стрес.... Технологијата не треба да им биде дадилка или забавувач. На децата мора да им се предочат предностите, но и штетата, опасностите кои ги демнат со неконтролирано и без фокус свртено внимание на секоја информација на која наидуваат.

Најпрво родителите треба да се преиспитуваат себе си колку тие се добри родители. Да разговараат и да ги прашуваат своите деца што се случува во училиштето, да сослушуваат, да не осудуваат, да не критикуваат туку да бараат одговори.

На децата им се потребни правила и граници. Дисциплина и одговорност. Љубезност и почит. Доколку како родители се соочувате самите со преголема употреба на технологијата и барате чаре како да се посветите на сопствените цели, активности и да останете доследен разговарајте отворено. Нека видат децата дека и вам ви претставува предизвик менаџирањето на сопственото време и заеднички решете како ќе се организирате за да бидете успешни во работата и секојдневието. Времето ќе биде и понатаму многу поразлично, ќе се креираат нови вредности, ќе се раѓаат многу нови можности за учење, напредување, работење и живеење.

Голем број истражувања покажуваат дека Македонците се едни од најдепресивните нации. Кој е вашиот став, се согласувате ли и зошто е тоа така?

- Се согласувам дека е така, читам и следам анкети и прашања на кои нашите сограѓани одговарале. Навистина е многу разочарувачки кога ќе прочитате дека голем број од нас немаат нормален и достоинствен живот.

За да луѓето успеат да се реализираат себе си, со сиот свој човечки потенцијал и дарба мора најпрво да им бидат задоволени потребите за храна, живеалиште, безбедност, љубов и грижа, чувство на припадност.

Дискриминацијата, предрасудите и нееднаквите можности ги депримираат луѓето кои се чувствуваат неприфатено и отфрлено. Општествено економските, политичките несредености и несигурност им ги руши соништа и губат надеж. Мислам дека навистина е херојски да успеете во вакви услови да се одржите и опстоите да бидете физички и ментално здрави. Ние како луѓе никогаш не нѐ учеле како да се справуваме во вакви услови. Како да умееме да бидеме отпорни на влијанијата надворешни врз нашиот внатрешен свет. Не умееме да ги контролираме еммоциите кои на прва непријатна информација не прави бесни, гневни, лути, полни со омраза и грди зборови.

Медиумите, социјалниот живот дополнително ја влошуваат и долеваат да чувството на беспомошност, безнадежност и безизлезност биде понагласено и поприсутно 24/7. Луѓе кои имале среќа да се едуцираат вистински, да работат на себе, да читаат повеќе отколку да гледаат ТВ серии, туѓи животи, да пропатуваат надвор од Македонија имаат благослов да ги отворат умовите и да ги прошират своите гледишта. Да учат секојдневно и од секого. Да учат и да признаат дека не знаат се. Да признат дека секогаш ќе има некој кој ќе знае повеќе од нас, кој ќе биде подобар од нас за да се учи. Инаку ни нема лек!

Транзицијата, економски политички, здравствени кризи, војни во непосредна близина, трагедии... Кој е главниот совет, како да останеме смирени и ментално силни?

- Првата лекција кога зборувам со децата и со нивните родители е: Не треба да се нервирам и грижам премногу за работи кои не се под моја контрола. Ќе се грижам и ќе внимавам само за работи кои се под моја контрола. Не можам да контролирам што некој мисли, што некој зборува или како се однесува. На пример, можам ли да променам нешто ако се случува војна таму некаде? Тагувам за човечките животи но, јас не можам ништо да променам. Ќе се трудам да бидам добар човек и со добрината, љубезноста, со помагањето можам да влијаам позитивно на луѓето околу мене. И така еден по еден ќе влијаеме на поголем број луѓе околу нас. Така ќе се менува светот. Со кукање, колнење, нервирање не се менуваат нештата. Ние ќе се менуваме како ќе ги прифаќаме нештата, информациите, настаните околу нас.

Како и каде најчесто се рекреирате Во Скопје?

- Највеќе сакам да пешачам. Било каде, одам многу пешки и уживам во времето поминато со самата себе. Не, не сум себична (се смее). Многу сакам дружби но, највеќе можете да ме најдете наутро во градскиот парк. Таму буквално сум воодушевена од секое дрво, жбун, птици, верверичи... Тука е мојот мир, тука сум јас со себе и со убавите муабети со моето внатрешно јас. Секогаш кога ќе бидам изложена на информации и разговори кои ме растажуваат, загрижуваат, јас патиките и правец парк! Прекраснотија!