Интервју со Милорад Цајиќ- Цајо: Убаво беше порано кога немаше Фејсбук и мобилни телефони, имавме повеќе време, пари, убав живот и сите благодети само што не знаевме да ги цениме и почитуваме

Милорад Цајиќ Цајо е скопјанец, урбан лик, нема кој не го знае или не слушнал во градов за него. Тој е еден од првите менаџери кои се појавија, човек со многу приказни кои вреди да се слушнат и затоа со него разговараме за Скопје, за ноќниот живот, за интересните моменти со кои се соочил, за носталгијата, едноставно разговаравме и евоциравме спомени за тоа како било некогаш а како е сега.

Цајо својот разговор го почнува од далечната 1986 година со забавата во дискотеката “Огниште“, сместена во тогашен “Гранд Хотел“, сегашен “Холиден ИН“. Тој вели дека таа забава го променила целокупниот живот на младите во Скопје и Македонија. Според него посетеноста била толку голема што од предвидените 200 влезници морале да направат уште нови 200. Позитивата енергија била толку голема што за наредната забава влезниците се проадале на 3 дена пред нејзиниот почеток.

- “Телефонот дома ми изгоре од звонење, морав да го направам да се исклучува бидејки домашните мои не можеа да имаат попладневна почивка, така беше во тоа време после 16 часот е време за одмор. И од тогаш во наредните години во Скопје изникнаа многу дискотеки, се појавија многу менаџери мои пријатели кои го променија текот на ноќниот живот во нашиот град. Во тоа време јас прв направив стрптиз во дискотека и тоа три пати додека недојде предупредување за ширење неморал меѓу младите. Во тие години имаше забави кој станаа традиција наназад многу години а тоа беше пред новогодишениот маскенбал кој се организираше три дена пред Нова Година. Тоа беа можеби најубавите маскенбали во Скопје кои за жал изумреа ,и сега пред нова година ништо не се случува“ вели Цајо

Нашиот соговорник се потсетува на забавите како во времето на чарлстонот ,односно врме на 20-те години од минатиот век или познати како”Coton Club”забави. Пижама забава која стана хит и која почнала да се прави секаде по ноќните дискотеки. Тој додава дека секогаш забавите се труделе да бидат поразлични од предходните.

- “ Што убаво ми беше порано кога ги немаше фејсбук и мобилните. Ке се јавиш на старите добри црни телефони и ќе зборуваш со девојка ти или другарите со саати за 100 динари месечна претплата а сега ќе те газат со телефонски сметки по 50-100евра месечно за мобилен и фиксна. Ова време веќе бев во град, размислував како ќе се организираме за журка или забава. Прво во кафиќ,па после во диско! Репертоар на кафиќи ,не многу ама квалитетни за тоа време. Дискотеки ТОП, со музика и луѓе ,нема сељачишта. Работат во прво време до 23 часот а подоцна од 1986 година после полноќната забава до 03 часот наутро, али затоа имавме повеќе пари, време ,убав живот и сите благодети само што не знаевме да ги цениме и почитуваме“ посочува Цајо

Цајо посочува дека во Скопје имало енормно многу дискотеки и тоа во периодот од 1969 со Техометал диско, па 1973-Мусандра-Миднајт, 1974-Турист и Панорама, 1978-Таверна, 1981-Огниште, Денис-Денис (Шабан) 1986, Хотел Белви 1986,  Камник 1986, Теферич 1986, Зелен Рај 1987, Средно Водно 1987, 1988 МНТ (Ла Фабрик), Чардак 1988, Четри Воденички 1989, Текила 1989 и многу други. Тој вели дека во тие времиња неможеше да се влезе без девојка во дискотека, задолжително беше секој кој е посетител мора да има придружничка т.е. мораше да бидете пар машко и девојка, инаку немаше теорија за влез освен ако не познаваш некој од обезбедувањето.

Го прашавме Цајо кој настан нема да може да го заборави, односно што му има оставено најубав спомен, ни раскажа за една многу интересна ситуација од неговиот живот.

- “Никогаш нема да го заборавам моето прво танго во диско Мусандра,бев 7 одделение во основно и прв пат 1976 година играв танго иако пред тоа уште во 1974 година бев дел од диското. Само што бев толку мал и ми беше срам некоја девојка да ја поканам за танго или како што го кажувавме ние сентиш !. Тоа беше Лиле,сега моја многу добра пријателка кога ја поканив за танго! Сите звезди во тоа време беа мои, мислев како да сум на небото,така се чуствував! Во себе имав огромен андреналин, енергија! Мислев како да сум сам со Лиле во диско, Мусандра како да нема никој само јас и таа. Е тоа беа убави времиња и моменти за сеќавања!“ рече Цајо

За неговиот последен проект “FOREVER YOUNG 2024” ретро забава за генерациите кои пораснаа но никогаш не стареат во Скопје и Македонија вели: “Си го сакам Скопје! Си го сакам секое маало од градот, си ја сакам секоја населба од нашиот убав град Скопје! Ги сакам луѓето што живеаат во овој убав град,го сакам малку што остана зеленило низ нашиот град, го сакам воздухот што го вдишуваме, ги сакам љубовта меѓу луѓето кое го има нашиот град, го сакам секојдневието на пиење кафе преку ден, го сакам озборувањето преку ден“!

Цајо посочува дека денешната младина има своја изградена дефиниција, но во погрешен правец, немаат компас. Најголемиот проблем според него е што Македонија  важеше за авангарада во музиката, исто како и Словенечката и Хрватската сцена на музика, но сега го изгубивме тој примат и ги добивме навиките и дишењето на се што е турбо фолк како музика. Таа е музика вели Цајо е онаа што шири девијантни појави на однесување и лична фрустрација како личност и затоа тој смета дека целата оваа ситуација е доволен повод да бидете дел од неговиот најнов проект градската журка на 22 март - петок,со почеток во 21 часот во С.Ц. Јане Сандански-мала сала.