Интервју со Костиќ Марковиќ: Нас нѐ избираа за солисти на „Златно славејче“ без ургенции, денеска за жал родителите плаќаат

Бранка Костиќ Марковиќ, нашиот познат музиколог, изминатиот период е актуелна со книгата „Чичко маестро Џамбаз, во светот на децата“ – дело кое се чини е подарок за сите скопјани за кои „Златно славејче“ е своевиден бренд, а настана токму благодарение на легендарниот Александар Џамбазов.

Бранка, како мало девојче, настапи како солист на „Златно славечје“.

За книгата и фестивалот, но и многу повеќе за родителството, музиката и уметноста, за она што денес е Скопје – инспиративен и навистина длабоко-искрен и разговор со Бранка Костиќ Марковиќ.

Најпрвин честитки за успешната промоција! Пофалби и честитки пристигнуваат од сите страни! Како се чувствувате по успешната промоција, со оглед дека чичко Маестро Џамбазов беше и е своевиден бренд на Скопје? Ќе живее ли неговото дело преку вашата книга?

Сѐ уште не се намалува возбудата и радоста во мене. Она што се случи на промоцијата е незаборавно, како и среќата што бликаше на секоја педа од главната крстосница во Дебар Маало, песната што одекнуваше и предизвикуваше восклици и кај најмалите и кај највозрасните граѓани што дојдоа заедно да го чествуваме ликот и делото на еден од корифеите на македонската забавна музика, основачот на „Златно славејче“ и „Скопскиот фестивал“, човекот кој го обои детството на многу генерации со најведри бои.

Сите велат дека одамна не присуствувале на ваков настан каде што сите во еден глас пееја со поранешните „Славејчиња“ и „Развигорчиња“, собрани специјално за поводот и предводени од диригентот Запро Запров, кој долги години, заедно со основачите, маестро Џамбазов и поетот Васил Пујовски го држеа квалитетот на фестивалот „Златно славејче“ горе високо. Во тоа време, во 1970 година, Џамбазов, Пујовски и секретарот на Советот за грижа и воспитување на децата на Град Скопје Благоја Јордановски, визионерски основале фестивал на детска песна, прв таков на Балканскиот Полуостров и втор во Европа. Во текот на првите 25 години, фестивалот се одржуваше целосно во живо, со ревиски оркестар и тоа беше вистинско славење на творештвото за деца. Ја имав таа среќа и јас да бидам дел од него, и тоа два пати како солист, а неколку години и како хорист.

Со „Златно славејче“ и со маестро Џамбазов ме врзуваат само убави спомени и среќна сум што со оваа книга-песнарка можам на некој начин да возвратам за сѐ што сум добила од нив. Чичко маестро Џамбаз, како што ние нагалено си го викавме диригентот кој суверено стоеше пред нас и кој на шега не нарекуваше „Златни гавранчиња“, не само што беше бренд на Скопје, туку беше маркантна личност позната и препознаена во цела поранешна Југославија. Неговиот лик и дело ќе бидат живи и во иднина, зашто неговиот музички легат е огромен и не задолжува да го негуваме токму низ вакви форми – книги, концерти и разни други видови на презентација на неговото творештво. Длабоко верувам дека нотографското фиксирање на 52 детски песни по избор на самиот автор, односно 53, заедно со дополнителната „Песна за Скопје“ што ги приредивме јас и колегата Марко Коловски, ќе придонесе кон трајно зачувување на споменот на овој знаменит музички творец, кој е еден од втемелувачите на македонската популарна и детска музика.

Што можеме да понесеме како траен спомен и што мора да научиме од легендарниот Маестро Џамбазов?

Маестро Џамбазов со сигурност ќе ни остане во срцата како траен спомен на едно време, како прекрасна личност со маркантна појавност, човек кој беше омилен и кај децата и кај неговите колеги. Уживаше голем углед кај сите, како врвен професионалец и непоправлив перфекционист.

Како што беше кажал неговиот колега Љубомир Бранѓолица во својата книга, неговата работа беше секојпат врвна и како таква беше вреднувана, дома и надвор. За неа има освоено бројни награди на сите големи југословенски фестивали, како Опатискиот и Скопскиот, но и на престижните натпревари за композиции и аранжмани за ревиски и Биг-бенд оркестри. Всушност, тој е добитник на повеќе од 40 награди и признанија во Македонија и Југославија.

Неговиот творечки опус е многу богат. Целиот работен век го помина во Македонската радио-телевизија, но неговите ангажмани се протегаа далеку од опсегот на матичната куќа, правејќи го еден од најактивните и најплодните музички дејци во Македонија, па и на просторите на СФРЈ. Исто така, тој беше и автор на дела од доменот на класичната музика и неговата музика беше со задоволство изведувана од врвни уметници. Само за пример ќе ја споменам неговата „Рапсодија за Скопје“, која е едно од омилените композиции во репертоарот на најдобрите пијанисти. Таа е нашата „Рапсодија во сино“.

Треба да учиме од животописите на нашите музички творци како Џамбазов, за тоа како се сака музиката, како се сака работата и со каква посветеност се приоѓа кон својата определба. Неговиот живот беше непрекината низа од музички случувања, а тој беше човек кој неизмерно ги сакаше децата и од мошне големиот опус, сигнификантен дел им посвети ним. Беше музичар со апсолутен слух и бескомпромисен професионализам по прашање на создавањето и интерпретирањето на музиката. Особен културен деец, кој беше витален и ажурен до последниот момент и кој без надменост ни приоѓаше и нас помладите.

Вие сте музиколог. Како го оценувате „Златно славејче“ низ годините? Има ли квалитетна детска музика во изминатите години? Се радуваат ли децата и нивните родители подеднакво како некогаш?

Ова е многу болно прашање и за мене, а беше и за маестро Џамбазов. Знам каков беше фестивалот во првите 25 години, а знам и во што се претвори потоа. Нас нѐ избираа за солисти, а секако и за хористи, без ургенции на родителите. Знаевме дека секој што е избран вистински заслужува да биде на сцената. Бесплатно. Денеска за жал родителите плаќаат, а децата добиваат песна и настап, најчесто не заслужувајќи го тоа.

Впрочем денеска е и сеедно дали децата знаат да пеат, зашто поважно е да играат во ритамот на снимениот и емитуван плејбек. И најлошо е тоа што дури и на талентираните им е оневозможено да ја почувствуваат моќта на живата изведба. Јас дури и сега кога ја гледам снимката од мојот прв настап на „Златно славејче“ од 1984 година, ми навира целото чувство на селекција во училиштата, од тие два-три круга сериозна аудиција за добивање песничка, од таа возбуда пред настапот во преполната Универзална сала. Тоа е нешто што му го посакувам на секое музички надарено дете. Да ја доживее убавината на музичиот миг во кој неговиот глас се соединува со оркестарскиот звук и восхитот на публиката. Тие апалузи сѐ уште ми одекнуваат во ушите како еден од најомилените „рингтонови“ од детството.

Убедена сум дека и денеска има деца и автори кои можат да го надградуваат она што ни го оставија како база Џамбазов и Пујовски, но мора и да се изборат со новите тенденции на инстант забава за деца и возрасни што секојдневно не бомбардира од сите страни. За тоа да се случи треба и системска (институционална образовна, културна и медиумска) поддршка која ќе го стимулира квалитетот, а ќе го санкционира неквалитетот. Маестро Џамбазов си замина со горчина од сегашната состојба со фестивалот и многу ми е жал заради тоа. Оттука, знам дека со Марко Коловски макар малку ја ублаживме таа болка со оваа книга, макар постхумно. Иако тоа е само мал дел од тоа што тој остави зад себе. Во книгата се опфатени само 53 детски песни (најголем дел од фестивалот „Златно славејче“), но со тоа ниту од далеку не е исцрпен неговиот опус на детско творештво, а не пак од целокупното.

Растевте во Скопје. Какво беше вашето детство некогаш, а какво е сега на вашиот син? Што е променето во Скопје?

Моето детство беше многу убаво, а за тоа е заслужни моите родители, кои за мене и мојата сестра овозможија услови тоа да е така. Првите 12 години ги поминав во безгрижа детска игра покрај Вардар и во улиците и дворовите на моето Маџир Маало, а потоа во најубавата нова скопска населба Аеродром. Многу другарувања, детски палавштини, одење во секции, во Нижото музичко училиште, во хоровите на Дом на млади „25 Мај“, зимувања и летувања преку училиште, патувања на хорси натпревари низ светот, одмори со родителите на море и во село кај бабите и дедовците. Би рекла, детство какво секој може да си посака и какво што имаа речиси сите деца во СФРЈ.

Сега условите се поинакви. Маалскиот градски живот се префрли на Интернет и се претвори во глобално село. Тактилноста се сведе на пипкањето тастатури и екрани, спонтаната емпатија на дело стана тема на теоретизирања на разни дебати, научни собири и наменски работилници. Ианку, беспредметно е да се обидуваме да правиме паралели меѓу денешните деца и децата, односно ние во 70-те и 80-те години на минатиот век. Иако, детето треба да е дете, без оглед на општествените и историските околности, сепак споредбите се речиси невозможни. Но, едно е сигурно, дека детето не смее да биде гладно и жедно, незаштитено, фрустрирано зашто општеството не му ги овозможува и гарантира правата на мир, здравје и квалитетно образование.

Денешните генерации за жал се изложени на постојани експериментирања. Образовниот систем од поранешната држава беше темелен, но застарен и наместо тој да биде заменет со нов и соодветен на новите услови, нашите деца ниту добија современа едукација, ниту ги имаат старите темели за потпирање. Целосно девастирано општество, каде што ниту го задржавме историскиот континуитет на работите, ниту создадовме нови магистрали кои што ќе не носат кон подобра иднина. Но, што е тука е. Ова е наше време и ние треба да го живееме најдобро што можеме. Затоа и јас и мојот сопруг се трудиме да му го овозможиме максимумот услови на нашиот Марко да има среќно детство, адаптирајќи се на условите што ги носи ова време.

Нам ни е најважно да го изложуваме на нови сознанија и да му ги отвораме прозорците за да има што повеќе видици кон можностите во животот, за да ги пронајде оние работи што ќе го прават среќен и задоволен. Досега ни оди добро, зашто тој е едно љубопитно дете кое ужива во откривањето на нови знаења и нови можности. Како родители никогаш не сме го притискале да свири пијано, да чита книги, да учи странски јазици или да решава математички проблеми, но затоа, пак, секогаш сме го изложувале на теми за уметност и наука, на музика. Што и да реши да прави во животот, тој преку нашиот пример ќе знае дека знаењето е капитал, но и дека добрината и чесноста се универзални вредности и како такви се безвременски. На децата не можете ништо да им наложите, но затоа можете да ги навикнувате нивните очи и уши на корисни нешта, а тие самите ќе одберат. Тие апсорбираат, акумулираат и прашање на ден е кога ќе процветаат токму во работата која што им е најблиска на нивниот хабитус и преку која ќе остварат среќен и успешен живот.

Што се однесува до Скопје, со жалење ќе констатирам дека ние го „испуштивме од раце“ сопствениот град. Тој е многу променет, но за жал, на полошо. Секојдневно сме сведоци на неговото пропаѓање. Во секоја смисла. Градот треба да се сака, но не само со зборови, туку и на дело. Треба да се одржува, а токму тоа е најслабата негова страна. Ние сѐ уште се убедуваме дека сметот треба да се фрла во канти за ѓубре, а не каде ќе ни дојде, сѐ уште „бистриме политика“, а не „мрднуваме со прст“ за ништо.

Циклично го препуштаме неговото административно ракводење на политички подобни, а не на граѓански способни личности. Да си го чувавме градов како свој дом, тој сигурно немаше да се престори во Франкештајн. Градот стана целосно нефункционален, па сообраќајот колабрира, инфраструктурата крахира и на најмал дожд. Веќе не се ни чувствуваме безбедно. Снемува деца, криминалците шетаат слободно, а чесните граѓани се заробени во сопствениот град. Ниту можат да предвиват колку време им треба за навремено пристигнување на работа, ниту со кое превозно средство можат најбезбедно да се движат низ метежот од споулавени возачи, ниту дали воопшто ќе успеат да ги завршат сите работи низ сите градски и административни лавиринти. Но, дури и такво, Скопје е мој град. Тоа е моето тежиште и лежиште. Затоа се трудам барем со своето однесување да го заштитам и да не го оставам „на цедило“.

Во однос на културната понуда на градот. Има ли Скопје со што да се пофали во однос на уметноста?

Секако дека има, отсекогаш имало. Туку, и тие тешко се дознаваат, па многу настани паѓаат во сенка. Заради немањето ред, често сме сведоци на целосно мртви периоди, наспроти периодите кога не знаеме што попрво да посетиме. Неретко се случуваат и по два–три културни настани во еден ден, а потоа нема со денови ништо. Ниту имаме централна агенција за организација и координација на настаните, ниту имаме градски информатор којшто медиумски ќе допира до сите граѓани подеднакво, без разлика дали се од уметничката фела или се најобични посетители кои сакаат да одат на културни настани. Но, ова постои, но тој не е само скопски, туку е проблем на целата држава. Кај нас се помешаа културата и естрадата, се поистоветија уметноста и комерцијалата, националниот интерес стана само етикета, а не и суштина. Мора да сте многу вешти и добро едуцирани за да го направите вистинскиот избор што ќе посетите, а што не, зашто „концерти“ и „изложби“ има на секое ќоше, а и динамиката на збиднувањата понекогаш дава лажна слика за богата и квалитетна понуда. Но, велам, Скопје има со што да се фали на културен план.

Општо што ви се допаѓа во Скопје, што ви пречи најмногу?

Ми се допаѓа што е мој град и што во него се чувствувам своја на своето. Ми се допаѓа што секогаш наоѓам убави и само нему својствени работи. Ми се допаѓа што можам да ја искусам традицијата преку Старата чаршија и да сум макар малку во допир со природата преку благодатта што ни ја нуди Градскиот парк. Искрено го сакам, па колку и да е валкано и дисфункционално. Но, многу ми пречи што повеќето негови жители се однесуваат ако да не е нивен град. Да го сакаа како свој немаше да отфрлаат отпушоци низ прозорците, немаше да ги корнат клупите од шеталиштата, немаше да возат како луди низ булеварите.

Ви недостига ли Универзална сала? Какви спомени ви буди? 

 Универзална сала... На сите нас ни недостасува Универзална сала, зашто нѐ врзуваат многу убави спомени со неа. Јас, како и сите деца кои стапнале на таа сцена (а тоа се неколку илјади), чувствуваме посебна носталгија кон неа. Па најубавите фестивали, манифестации и концерти се случуваа таму. Салата беше кружна, а таквата поставка му даваше посебен шарм и топлина на амбиентот. Искрено се надевам дека овој објект конечно ќе светне во ново руво и ќе ни ги врати насмевките на лицата. Нема да е нескромно ако кажам дека таа треба во иднина да го носи името на маестро Александар Џамбазов.

Фотографирано од Маја Аргакијева за Литература.мк