Интервју со Адамовски: Младите да излезат од апатијата и да почнат да ги менуваат работите околу себе

 

Волонтерски Центар Скопје постои со години, поточно од 2006 година. Младите се во фокусот на работата на оваа невладина организација. 

- Младите луѓе во Македонија се на приоритетната листа, сакаме тие да напредуваат, да излезат од апатијата која ја чувствуваат, да одат во странство, да го зајакнат чувството на припадност, да се вратат и да почнат да ги менуваат работите околу нив, велат од Волонтерски Центар Скопје. 

За нивните активности, мисија и цели, како и за тоа што им го нудат на младите разговараме со Горан Адамовски, оперативен менаџер во Волонтерски Центар Скопје. 

Дали може да ни кажете која е вашата мисија накратко?

- Нашата главна цел како организација е да овозможиме неформални едукативни можности за младите луѓе во различни полиња и тоа на локално и на меѓународно ниво. Го промовираме волонтирањето како исклучително важна алатка што поврзува младите без оглед на нивниот „бекграунд". Се стремиме да ги поддржуваме младите луѓе кои ги развиваат своите индивидуални способности и вештини и со тоа придонесуваат за развој на општеството во целина.

Младите луѓе во Македонија се на приоритетната листа – сакаме тие да напредуваат, да излезат од апатијата која ја чувствуваат и да почнат да ги менуваат работите околу себе. Да се слушне нивниот глас преку магазинот „Воисес", да се охрабрат да не бидат само нем набљудувач на општествените случувања, да заминат на проект надвор од земјава, а стекнатото знаење да го искористат на начин од кој бенефит ќе имаме сите ние во Македонија. Од друга страна, пак, годишно педесетина волонтери од Европа минуваат низ нашата организација преку најразличните програми на Европската Комисија со цел да ги зајакнат капацитетите, вештините и знаењето, но, исто така, и да помогнат при градење на посилно и поздраво општество преку волонтирање и рушење на стереотипи и предрасуди.

Каков е интересот на младите за волонтирање? Од која возраст може да се пријават за волонтерска работа?

- Волонтирањето е двонасочен процес: даваш и добиваш, при што не зборуваме за материјални добра. Да волонтира може секој, доволно е само да има волја да посвети дел од своето време за да направи нешто добро, а да не бара ништо за возврат. Генерално, волонтирањето во Македонија е преслика на општеството, но, радува што кај голем број млади постои ентузијазам да сторат нешто корисно за својата заедница. Задача на институциите, невладините организации и младинските активисти е да го задржат нивниот ентузијазам и да го насочат во вистинска насока.

Дали повеќе има интерес за волонтирање надвор од земјава или пак тука?

- Одговорот, веројатно, е поврзан со свеста и свесноста и не само кај младите, бидејќи тие воглавно го следат примерот од возрасните. Постојат многу начини како може да се волонтира и се случува младите во земјава воопшто да не бидат свесни за тоа, односно да не им бидат познати можностите. Кога би се составила и реализирала повнимателна младинска политика – верувам и дека заинтересираноста за волонтирање би била на помогу повисоко ниво.

Што подразбира волонтерската работа во некоја европска земја и како истата може да им „ги отвори" портите на младите?

- Волонтерски Центар Скопје преку програмата „Европски Солидарен Корпус“ им нуди можности на младите да се пријават на различни проекти низ цела Европа. Тие можат да бидат краткорочни (до два месеци) или долгорочни (до една година) каде младите на возраст од 18 до 30 години можат да стекнат знаења и вештини од одредена област (во зависност од темата на проектот), но и да излезат од својата удобна зона, да стекнат самодоверба, да запознаат нови пријатели, јазици и култури што ќе им биде од исклучителна важност во натамошниот живот. Притоа, трошоците за патување, сместување и храна се обезбедени.

Какви искуства имате со волонтерите од странство кои доаѓаат тука?

- Веќе напоменавме дека годишно педесетина волонтери од Европа минуваат низ нашата организација преку најразличните програми на ЕК. Тоа што им го нудиме е волонтирање во младинскиот магазин „Воисес", каде добиваат знаења од новинарството, дизајнирањето, „уредникувањето", лекторирањето... Помагаат и во Дневниот центар за деца од улица во Шуто Оризари, активни се на различни настани (филмски и театарски фестивали, скопскиот Виз Ер маратон...), организираат работилници на теми што ги интересираат младите, го чистат нашето Скопје од ѓубрето што го создаваме ние. Домаќини сме и на студенти од различни европски земји кои преку ВЕТ-програмата доаѓаат во Скопје за да стекнат практично знаење на она што го учат во училиштата или на факултетите.

Во овој момент десетина волонтери од различни европски земји се тука (Германија, Финска, Франција, Полска, Турција), наредната недела доаѓаат волонтери од Аруба. 

Општ е впечатокот дека младите се поапатични и дека не прифаќаат нивниот труд да не биде платен. Од друга страна не е мал бројот на млади кои иднината ја гледаат надвор од земјава. Каков е вашиот став на оваа тема?

- Веројатно не е голема мудрост да се заклучи дека младите се разочарани од тоа што се случува во државата и поради тоа не се гледаат себеси тука. Апсолутно го разбираме нивниот револт. Сепак, ние како организација веруваме дека инвестирањето во младите, односно во зајакнување на нивната личност преку на нивните вештини и знаења ќе го даде долгоочекуваниот импулс во општеството кое ќе донесе пресврт, па со самото тоа би се намалил интересот за заминување од земјава.