Има ли крај: За два дена 16 земјотреси во Скопје

Два последователни земјотреса вчера вечер во 19 часот и 53 минути повторно го потресоа Скопје и околината. Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје соопшти дека првиот земјотрес бил со магнитуда од 2.4, а вториот од 4 степени според Рихтеровата скала. Почувствувани се во Скопје и околината со интензитет на првиот од III степени и на вториот од VI степени според Европската макросеизмичка скала.

Епицентарот и на овие земјотреси бил во источниот дел на скопското епицентрално подрачје. Претходно, земјотреси со магнутуиди од 2,3 и 3,7 степени според Рихтеровата скала го потресоа Скопје вчера во 11.50 минути и во 14.19 минути.

Четири земјотреси се дел од серијата потреси што го погодија Скопје и околината во изминатите два дена. Сизмолошката опсерваторија при ПМФ информира дека во текот на завчерашниот ден биле регистрирани 12 земјотреси.

Најсилниот земјотрес беше почувствуван завчера во 15:10 часот со магнитуда од 5,3 степени по Рихтер, а епицентарот беше на 7 километри источно од Скопје.

Во серијата земјотреси причинети се материјални штети, а лекарска помош побарале стотина граѓани.