Иако немало табла за наплата, скопјанка си добила казна од Паркинзи Центар

Откако скопјанец објави случај дека ПОЦ дома му испратиле казна, а на погрешна адреса опомена пред тужба, поради што се сомнева во спрега за грабеж на граѓаните пристигнаа уште поплаки на сметка на Паркинзи Општина Центар.

Не е мал бројот на граѓани кои сметаат дека ова претпријатие е во спрега со извршителите за испумпување пари од граѓаните, а често пати постапуваат селективно при изречувањето на казни за непрописно паркирање.

- Од авион се гледа дека тераат наместени сесии. Не навистина да „ги кренат“ оние возила кои пречат на тротоари, тие работат селективно. Пример е Дебар маало, вели скопјанец од Центар.

Скопјанка се пожали дека добила казна од ПОЦ која ја смета за легална кражба. Вели дека била паркирана на место кое не е во нивна ингеренција, ниту имало табла за плаќање.

- И покрај слики и видеа, жалбата ми беше одбиена со образложение: „Иако нема табла, ние по нашиот правилник тоа си го сметаме како необележано паркинг место“. По таа логика на казнување без никаков знак и пропис јас можам да очекувам и во мој двор по некој ваш правилник да си добијам казна. Ми остана Управен суд каде што за жалба треба да платам судски такси повисоки од самата казна.Калимеро нема правда, а вам нека ви е со среќа легалната кражба, вели оваа скопјанка.

Коментари за ПОЦ има и за кревањето на автомобили со странски регистарски таблици

 - Супер сте, само најдете начин да ги известите странците дека сте им ја кренале колата. Луѓето се вадат од памет и се толку изреволтирани, што се приморани да одат до нивните амбасади, да снимаат ЈуТуб видеа каде го изразуваат револтот, итн.Замислете како би ви било вас како странец во туѓа држава да ви ја снема колата од паркинг, се пожали друг скопјанец.