И покрај сите стравувања дека годинава ќе биде тешка за туризмот, пред се поради политичката криза, сепак оптимизмот на дел од туристичките работници стана реалност.

Потврда за тоа се најновите статистички податоци на Државниот завод за статистика кои покажуваат дека во април годинава во Македонија бројот на туристите достигнал 68.047 туристи, а тие реализирале 140.081 ноќевања. Токму овие бројки искажани во проценти покажуваат дека има зголемувањето за 18,4 отсто на бројот на туристите, односно за 18,6 проценти кај ноќевањата.

Зголемен е бројот и на домашните туристи во април годинава споредено со април лани и тоа за 15,8 проценти, а на странските за 19,6 проценти. Кај домашните туристи има зголемување за 15 проценти на бројот на ноќевањата, а на странските туристи за 21,1 процент.

Во Македонија најмногу пристигнуваат гости од Турција, Грција, Бугарија, Србија, азиските држави, како и од Германија, Хрватска, Косово, Албанија...

Ако статистиката регистрира раст во април, тогаш во мај тој би бил уште поголем бидејќи на скопскиот и охридскиот аеродром е зголемена фреквенцијата на летови и пристигнување на гости. Токму заради зголемениот број на пристигнати авиони во земјава, Холанѓаните во изминатите неколку години по турските туристи се најбројни на Охридско-струшкото крајбрежје, но и по бројот на реализирани ноќевања се најбројни. За холандските туристи Охридско Езеро е едно од најубавите не само во Европа, туку и во Светот.

Годинава во план е на охридскиот аеродром да слетаат 183 авиони кои ќе донесат околу 28.000 холандски туристи.

Но ова лето ќе продолжат и сезонските летови кои беа воведени во 2016 година и носеа гости од Белград, Брисел и Тел Авив.

Се очекуваат нови чартер-летови од Полска да почнат од 22 јуни гоидинава кои еднаш неделно ќе носта околу 200 полски туристи на Охридското Езеро. Ова туристичка зделка ќе се реализира со еден од најголемите полски тур-оператори.

Но не само што е зголемен бројот на туристите во земјава и многу голем број на македонски граѓани летово ќе заминат на одмор во Грција, Турција, Хрватска, Црна Гора и Бугарија.

Што се однесува пак за бројките со кои располага локалната власт, лани Охрид го посетиле околу 230.000 туристи кои реализирале нешто повеќе од 800.000 ноќевања.

 

Извор: вечер.мк