Граѓани ѝ доделија пехар на „Усје“ и го блокираа влезот на цементарницата

Aктивисти и граѓани од Движењето за чист воздух и доделија пехар на Цементарница Усје во Скопје за „Трујач на годината“ и го блокираа влезот на компанијата со црвена лента.

Тие бараат целосна забрана за каков било отпад додека не се усвојат функционални контролни механизми и директиви, поголема вклученост на граѓанскиот сектор во инспекциските надзори, како и акредитирање на лабораториите на Министерството за животна средина и Хемискиот факултет.

„Протестот не е конкретно насочен кон Цементарница Усје, туку кон корупцијата во Македонија. Нас нè труе корупцијата, поврзаноста на политичарите, оние кои се на битни функции со ваквите индустрии кои се во централните градски подрачја кои нè трујат и нè лажат дека тие не се причинители за загаденоста, туку сме ние граѓаните. Ние сме иритирирани најмногу од политиката“, изјави активистот Марјан Ненов за Радио МОФ.
Тој посочи дека уште пред една недела информациите кои ги имале ги доставиле до раководството на компанијата, но одговор од компанијата немало. Сепак, нагласи дека од компанијата подоцна ги поканиле на средба и дека ќе ги посетат.

Од Движењето нагласија дека ова не е единствен протест и дека ќе продолжат блокадите на индустриите.

(извор - Радио МОФ)